ВМРО-ДПМНЕ: На аздисувањето на Филипче и Заев им нема крај, луѓе умираат а тие се возат на мотори (ВИДЕО)

Вчера во Крушево, а денеска во Пештани се премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче кои, според дел од медиумите и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, викендов се развозуваат со мотори низ Македонија додека секојдневно десетици заболени од ковид-19 починуваат во болниците.

„Во време кога многу луѓе се борат за болнички кревет и лекови, додека фирмите и вработените се борат за преживување, Заев и Филипче лабаво со мотори на ручек во Пештани“, напиша на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ – Антонио Милошоски, споделувајќи го видеото на кое наводно се гледаат Заев и Филипче.

На аздисувањето на Филипче и Заев им нема крај, возењето мотори и отворање ресторани чини повеќе од 4000 починати, обвинува опозицијата.

„Во Македонија водена од Заев и Филипче сликата е, од една страна, по неколку десеттина погреби и семејства завиени во црно, од друга страна власта се забавува. Да, за да се забавуваат Филипче и Заев се отвораат и хотели, ресторани, а еве денес веќе се повторно на патиштата со своите мотори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, испраќајќи тешки квалификации на адреса на премиерот и министерот за здравство.

„Денес починаа 46 лица, но тоа не ги засега првоповиканите, Филипче и Заев. Тие наместо грижа за здравјето на граѓаните си возат мотори. Не може тоа никако да се окарактеризира освен како одлепени од реалноста и убијци на сопствениот народ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Со буџетот за 2025 година полициските службеници ќе добијат покачување на платите

Нема ниту еден друг случај на премиер на држава и министер за здравство кои во денот кога умираат 46 луѓе тие си возат мотори. Рестораните за нив работат, но за сите останати се затворени“, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, поради неспособноста на Заев и Филипче не постои систем за борба против коронавирусот и граѓаните се препуштени сами на себе и тие двајца се и директно виновни за смртта на дел од починатите од ковид-19, меѓу другото и поради недостатокот на вакцини. Ако се вакцинираа луѓето во првите месеци од годинава, сега луѓето кои денес починаа ќе беа живи. Но тогаш Заев и Филипче бркаа провизии, обвинува опозицијата.

„Пикот бил зад нас, рекол Филипче и отишол со Заев да се возикаат на мотор. Седете си вие дома, тие ќе си се гоштеваат во Хотел Туто во Јанче! Седете си вие од 20ч дома, може и од 18 од следна недела; економијата нека пропаѓа, што знаат оние со мотори од 30 и кусур илјади евра за криза; ќе ве вакцинираат некогаш, а можеби ни тогаш…“, напиша вчера на Фејсбук и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – Наум Стоилковски.

Премиерот Заев, пак, вчера си ја смени позадинската фотографија на Фејсбук профилот. Покрај пораките за почитување на мерките, на истата стои и порака „остани дома“.

 

- Реклама -