На денешната 38-ма владина седница, Владата на РСМ го именуваше Исамедин Азизи – научен соработник-доцент во Институтот за национална историја (ИНИ), за член на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, соопшти владината прес-служба.
Азизи ќе се приклучи во актуелниот состав на македонскиот дел од комисијата, кој се состои од: Претседателот/координатор академик д-р Драги Ѓорѓиев (член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја на УКИМ, потоа професорите од ИНИ Ванчо Ѓорѓиев, Петар Тодоров, и Дарко Стојанов, историчарот Александар Литовски од Националната установа Завод и музеј – Битола, професорката Љубица Спасковска (научен соработник на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија) и Љупчо Ристески (антрополог, професор на Институтот за етнологија и антропологија на УКИМ).
Со неговото вклучување, Азизи станува прв член на комисијата кој е етнички Албанец. Тоа и немаше да биде битно (зашто етничка припадност не е показател за стручноста или нестручноста) ако член Албанец не беше заложба на самиот министер за надворешни работи Бујар Османи, но и на низа албански аналитичари и историчари. Имено, уште лани во октомври Османи најави дека инсистира и работи на тоа во комисијата да биде вклучен и Албанец, бидејќи, како што рече, битката е заедничка и е прилика за големо меѓуетничко зближување во земјава:
„Тоа е можност да се создаде блискост, но и да се остави наследство дека Албанците биле важен чинител кога се решавале некои важни прашања. Се разбира дека работам на тоа и наскоро ќе има решение. И се разбира дека јас ги согледувам работите и го утврдувам моментот кога е најдобро да се направи тоа за да не се направи штета на процесот“, изјави тогаш Османи во интервју на „Канал 5“.
Дека во комисијата треба да има и Албанец порача и историчарот Зејни Мазлами во „Клик Плус“ во ноември:
„Во историјата ние треба да го бараме нашиот дел, да се третираме како страна. Не сме побарале, но треба да го бараме нашиот дел, барем да бидеме дел од преговорите за историјата, за политиката за идентитетот е проблем на двете страни“, изјави тој за „ТВ21“.
Таков став изнесе и историчарот Насер Мифтари:
„Што се однесува до историјата како наука, таа не бара бидејќи нејзините факти ќе говорат сами. Во конкретниов случај, кога науката се судира со политиката, тогаш мислењето е да бидеме присутни во секоја комисија, затоа што се бара компромис што подразбира пропуст на она што јас го нарекувам наука. Бидејќи и јас сум граѓанин на оваа земја, сакам да бидам вклучен во сите комисии, сите процеси што се случуваат во државата“, рече тој.
„Вклучување на Албанците“ во комисијата бараше и опозицијата од албанскиот политички блок. Лидерот на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, зборувајќи за спорот меѓу Скопје и Софија, критикуваше дека албанскиот политички фактор не учествува во теми со таква важност. Истовремено, и тој побара во ревизијата на учебниците во комисијата да учествуваат и Албанци:
„Ние и натаму живееме тука во Македонија како привремен народ со историја што ја изучуваат нашите деца Албанци и која нема врска со нашите преродбеници, туку има врска со лажна историја која им се наметнува ним“, изјави тој.