Владата е подготвена писмено да гарантира дека немаме територијални претензии кон НАТО соседката што ќе ни го чува небото

Скратеното име на државата „Северна Македонија“ (наместо „Република Северна Македонија“) не значи територијални претензии кон Бугарија или кон било која друга соседна земја, а Владата е подготвена на Бугарија тоа да ѝ го гарантира со нота, меморандум, изјава, декларација, протокол и слично, истакна денеска премиерот Зоран Заев во поглед на тврдењата од бугарска страна дека е загрижена поради можни идни претензии од страна на државава, доколку ѝ се дозволи без гаранции да влезе во ЕУ.

Сличен одговор Заев има и на обвинувањата за претензии за македонско малцинство од другата страна на границата – ниту оваа, ниту некоја друга влада претходно, не се мешала во внатрешните работи на Бугарија, вели премиерот. Тој повтори дека прашањето за малцинството и немешањето во внатрешните работи се регулирани со членот 11 од Договорот за добрососедство од 2017 година.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Иронијата, од друга страна, е што бугарскиот државен врв, барем пред бугарската јавност, тврди дека постапката во Европскиот парламент за македонско малцинство е поттикнат од официјално Скопје и тоа го посочува како едно од прекршувањата на Договорот за добрососедство.

Иронија е и тоа што во истиот тој член 11 од Договорот, во точка 3, веќе пишува дека „Двете Договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга“.

Најголемата иронија, сепак, е што воопшто се зборува за некакви територијални претензии кога Бугарија, која како наш сосед и сојузник во НАТО, впрочем е земјата што покрај Грција, ќе го чува нашето небо. Токму ова го истакна и премиерот Заев, посочувајќи дека со прифаќањето на понудата од Бугарија, за сметка на понудите од Турција и Италија, државава покажала дека нема територијални претензии.

 

- Реклама -