И Велика Британија со забрана за бензински и дизел мотори

Велика Британија планира да ја забрани продажбата на нови автомобили со бензински и дизел мотори од 2040 година. Тоа е дел од планот, според кој возилата со мотори со внатрешно согорување треба целосно да исчезнат од британските патишта во 2050 година.

Планот беше објавен од страна на министерот за животна средина, Мајкл Гав, кој додаде дека локалните власти ќе добијат веднаш 200 милиони фунти, за да го ограничат пристапот на дизел автомобили до патните артерии со најмногу загаден воздух. Пред ВВС тој објасни дека преферира забраните за дизел и бензинските автомобили да влегува во сила постепено, а не да се наметне тотална забрана одеднаш. Но, министерот објасни дека на крајот изборот како да бидат воведени овие ограничувања ќе биде на локалните власти.

Изјавата на Гав ја потврди информацијата на весникот The Times, според која од 2040 година на пазарот во Велика Британија ќе се нудат само електрични автомобили. Во блиска иднина дел од овој план ќе биде и стимулирањето на продажбата на хибриди.

Забрана за продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2040 година најави и Франција, а од еколошката организација Greenpeace коментираа дека активностите на овие две држави во практика се задоцнети, бидејки загадувањето на животната средина е исклучително сериозно. Германија, Индија, Холандија и Норвешка планираат забрана на продажбата на нови автомобили со внатрешно согорување од 2030 година или дури и порано.

Автоплус

- Реклама -