Велика Британија воведува санкции за израелските доселеници заради напади на Западниот брег

Обединетото Кралство денеска соопшти дека воведува забрана за патување на израелските доселеници одговорни за нападите врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон на социјалната мрежа X напиша дека екстремистичките доселеници „ја поткопуваат безбедноста и стабилноста и на Израелците и на Палестинците“.

„Израел мора да преземе посилни мерки за да го запре насилството што го вршат доселениците и да ги гони сторителите“, напиша Камерон, инаку поранешен британски премиер.

Форин Офисот не соопшти за колку луѓе се однесува оваа забрана.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен минатата недела соопшти дека САД воведуваат слична забрана за патување на „поединци за кои се верува дека се вклучени во поткопување на мирот, безбедноста или стабилноста на Западниот Брег“.

Додека вниманието на светот е насочено кон војната меѓу Израел и палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа, има драстично зголемување на нападите на израелските доселеници врз Палестинците на Западниот Брег, втората палестинска територија, под израелска окупација.

- Реклама -