„Критериумите за членство на Северна Македонија во ЕУ се многу јасни. Не очекувам никаква промена на Преговарачката рамка и не сметам дека државите-членки сакаат да ги преразгледаат условите за пристапување“, вели во интервју за БГНЕС еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
На прашање на агенцијата дека во изминатите месеци некои македонски политичари тврдат дека може да има измени во Преговарачката рамка и дали има можности за промена на условите што земјава треба да ги исполни, Вархеји вели дека критериумите за членство се јасни.
„Критериумите се многу јасни од 2022 година наваму, кога беше усвоена Преговарачката рамка. Тие треба да бидат исполнети и во таа смисла не очекувам никаква промена. Не сметам дека државите-членки ќе ги преразгледаат условите. Јасно е дека тие треба да бидат исполнети“, рекол Вархеји.
Еврокомесарот изразил надеж дека веднаш по изборите новата Влада на државава ќе ја исполни обврската и земјава ќе продолжи напред со исполнување на критериумите.
Во однос на Србија, Вархеји рекол дека критериумите за Србија исто така се многу јасни.
„Добрососедските односи се дел од условите за пристапување во ЕУ за секоја од земјите-кандидатки. Србија има напредок на својот пат кон ЕУ. Ако погледнете кон Кластер 3, тој е подготвен да биде отворен. Исто така е јасно дека имплементирањето на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ за руската агресија врз Украина, се претвори во уште поважна тема за кандидатите. Сега државите-членки на ЕУ гледаат уште повнимателно на нејзиното имплементирање“, додал Вархеји.