Вархеји: Без решение со Бугарија ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред

„Јас можам само да го повторам она што го изјавив вчера, а тоа е дека е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат тие недоразбирања, ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред“, одговори еврокомесарот за проширување – Оливер Вархеји, прашан, по неговата вчерашна изјава во која ги охрабри Бугарија и Македонија да ги решат меѓусебните спорови, конкретно да одговори дали навистина смета дека може да се изнајде прифатливо решение кога се работи за идентитетски прашања – како што е јазикот, и дали со барањата Бугарија го прекршува основниот принцип на ЕУ за правото на самоопределување.

„Мислам дека ова е моментот да се постигне договор, гледам посветеност од страна на премиерите Заев и Борисов и навистина се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение. Колку што знам тие работат на тоа и се надевам дека ќе успеат да се разберат. Се разбира дека ќе направиме сѐ што можеме, доколку можеме, ние да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, но се разбира, сепак е сериозно прашање“, додаде Вархеји, прашан дали ЕУ ќе посредува во тој процес.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

„Процесот на преговарање е веќе познат за вас и ние мораме да ја добиеме поддршката од секоја земја членка и работиме на тоа. Се надеваме дека можеме да продолжиме според планот и во рамките на германското претседателство ќе можеме да ја одржиме првата меѓувладина конференција, на тоа во моментот работиме“, одговори Вархеји на прашањето дали Бугарија е осамена во своите позиции.

„Јас сум свесен за чувствителноста на прашањето, но би сакал да ве замолам за трпение, затоа што дипломатијата функционира. Тоа го имаме видено и во многу други случаи, како што е примерот со Преспанскиот договор и други примери на слични сериозни прашања. Да веруваме дека добрососедските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе доведат до решение“, додаде тој на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, при неговата посета на земјава.

- Реклама -