Ванковска: Ќе почнам формална постапка за излегување од НАТО, но тоа не би се случило преку ноќ

Во оваа ЕУ Македонија не треба да влезе, оваа ЕУ толку зла ни нанесе, не директно Унијата, туку не натера сами да си го сториме злото, преку овие инсталираните, Преспанскиот договор беше тоа, рече Билјана Ванковска, претседателски кандидат на Левица во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Според Ванковска, дури и да го смениме Уставот, како што рече, вакви нема да не примат. Прво да научиме дека имаме сопствени национални интереси и да не се однесуваме како да сме колонија.

– Ние мораме да си се чуваме себе се, да знаеме кои сме, што сакаме за себе и за нашите национални интереси. Ако некој континуирано ти испорачува работи кои немаат врска со Копенхашките критериуми и постојано бара уште нешто. Ние сме специјалниот случај во ЕУ, рече Ванковска, додавајќи дека дури да влегуваме во ЕУ, мора да влеземе со очи ширум отворени, а не, подвлече, ширум затворени.

Таа оцени дека целиот Устав е проблематичен, не само поради Рамковниот договор и додаде дека мора да разговараме за теми кои се сметаат за табу. Според Ванковска, меѓу другото Рамковниот договор не е ниту меѓународен, ниту е правно обврзувачки.

– Не може да живееме со страв и закана, насилството не е решение на ниту еден проблем. Би сакала да ги убедам Македонците дека и тука е убаво место за живеење и да не се селат, истакна Ванковска.

Таа предлага веднаш да се раскине Договорот со Бугарија, бидејќи, како што вели, тој не е врзан со францускиот предлог, туку метастазирал од Договорот за добрососедство во барање за промена на Устав.

Прочитајте и:  Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не функционира со ултиматуми и рокови

За Преспанскиот договор, Ванковска вели дека „сме се фатиле да му дадеме правна заштита на договор кој не поништува како народ, како идентитет како нација“.

Претседателскиот кандидат на Левица, Ванковска е и против членството во НАТО и како претседател планира да почне формална постапка за излегување од Алијансата.

– Но, тоа не би одело преку ноќ. Ако се создаде јавен простор во кој ќе се разговара, што е наш национален интерес, можеби тогаш нешто ќе се промени. Претседателот си има според Устав овластување да покрене постапка за излегување од меѓународна организација, а во случајов тоа е НАТО, одлуката ја носи Собранието. Јас лично колку и да сакам, а сакам, ќе се обидам да создадеме клима за разговор, ама тоа ќе трае, изјави Ванковска.

Додава дека е подобро, како што рече, да си се заштитиме, да имаме внатрешна кохезија, владеење на правото, место да фрламе пари по дронови и друга воена техника.

Во однос на тоа дека имало директива да се отстрани знамето од Кутлеш од просториите – штабовите на левица, Ванковска нагласи дека не знае за тоа дали е вистина, но таа се има сликано со тоа знаме на протестите на францускиот предлог, како знак на протест, на револт, на гнев и на кажување доста е. Тоа било државно знаме, и тоа е дел на нашата политичка историја и тоа е факт, ако зборуваме за факти.

- Реклама -