Валас: Киев да покаже благодарност за оружјето, ние не сме Амазон

Британскиот секретар за одбрана Бен Валас денеска изјави дека ја предупредил Украина оти нејзините меѓународни сојузници „не се Амазон“ и дека Киев треба да покаже благодарност за донациите на оружје за да ги убеди западните политичари да дадат повеќе.

Валас зборуваше на маргините на самитот на НАТО во Литванија како одговор на новинарско прашање за поплаките на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека на Киев не му била дадена временска рамка за приклучување кон Алијансата.

Валас, како што пренесуваат британските медиуми, се присети дека минатата година отпатувал во Украина, каде што му била претставена „шопинг листа со оружје“.

„Знаете, ние не сме Амазон“, рече тој, мислејќи на гигантската американска компанија за технологија и малопродажба. „Тоа им го кажав лани кога возев 11 часа за да ми дадат список“.

Зеленски денеска го ублажи својот тон, велејќи дека резултатите од Самитот биле добри дури и да немало формална покана за Украина да се приклучи на НАТО и дека добил позитивни вести за одбранбените пакети од сојузниците.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

На прес-конференција Зеленски рече дека не ги разбира коментарите на Валас.

„Секогаш бевме благодарни на Обединетото кралство, на премиерите и на министерот за одбрана, бидејќи луѓето секогаш нè поддржуваат. Не знаев што сакаше да каже и како поинаку треба да бидеме благодарни. Можеби министерот сака нешто посебно, но имаме прекрасни односи“, рече тој.

Прашан за коментарите на Валас, британскиот премиер Риши Сунак рече дека Зеленски бил благодарен за досегашната поддршка и дека ќе има поголема поддршка доколку се бара.

„Претседателот Зеленски ја изрази својата благодарност за она што го направивме во неколку наврати. Целосно ја разбирам желбата на Володимир да направи сѐ што може за да го заштити својот народ и да ја запре оваа војна, а ние ќе продолжиме да му ја даваме потребната поддршка“, изјави Сунак на прес-конференцијата на самитот во Вилнус.

МИА

- Реклама -