Вака ДУИ планира да дојде до премиер Албанец

ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети немаат намера да се повлечат од барањето за прв премиер Албанец. Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека нема да прифатат вакво условување. И покрај тоа, од ДУИ се цврсто убедени дека идејата е остварлива. А како – открија во две посебни интервјуа лидерот Ахмети и високиот функционер на партијата и актуелен вицепремиер – Бујар Османи.

Во интервју за „Радио Слободна Европа“ објавено денеска, Ахмети рече дека во општеството сѐ уште има предрасуди и ДУИ внимава да не направи невнимателен чекор, но и дека нивниот предлог за консензуален претседател, без притоа да имаат услов, бил солидаризирање и порака до сограѓаните Македонци да му претходат на еден процес на креирање на „поставеност која ќе биде заснована на идеи“. Освен тоа, откри и кон што цели ДУИ за да ѝ овозможи остварување на идејата за прв премиер Албанец.

Овие избори, рече тој, претставуваат сосема друго поглавје од оние претседателските.

„Тоа претставува потполно друга ситуација – владите во континуитет се политички, партиите седнуваат на преговори; постојат многу случаи, не само во регионот на Балканот, туку и во Европа, каде премиер на една држава се избира и од политичка партија која има помалку пратеници. Ние не претендираме дека ќе имаме повеќе пратеници од СДСМ или од ВМРО, нашите претензии се дека ќе бидеме победници кај албанскиот електорат и Владата што ќе се формира ќе биде заснована на преговори“, рече Ахмети.

Прочитајте и:  Муцунски ја презеде функцијата министер за надворешни работи од Османи, функцијата градоначалник ја предаде на Дејан Митески

Османи, пак, во интервју за „Канал 5“ откри дека во ДУИ се убедени дека резултатите од гласањето на 15 јули ќе бидат слични на оние од изборите во 2016, по што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би имале приближно ист број на пратеници, но недоволно за самостојно да формираат влада и да имаат 61 пратеник без пратениците на ДУИ.

„Такви се предвидувањата – дека ДУИ ќе биде клучниот фактор за владата… Прво, имаме три шпицни кандидатите, ние сите претендираме за мандат… Во 2016 година прво доби Груевски, но не успеа, потоа доби Заев и можеше да не успеее, а третиот ќе беше Ахмети да го добие мандатот од претседателот на државата за да формира Влада. Тоа може да се случи и сега и тука нема ништо спорно“, рече Османи во интервјуто, потврдувајќи ја увереноста дека нивниот „натпартиски“ кандидат, како што тврдат, Насер Зибер, ќе биде новиот премиер:

„Ние не сме од вчера во политиката за да ветиме нешто што не можеме да го оствариме“, додаде тој.

- Реклама -