Утре Фон дер Лајен, а задутре Вархеји во Скопје

Претседателката на Европската комисија – Урсула фон дер Лајен, утре ќе допатува во посета на земјава. Таа ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата.

Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино Фросина каде претседателката на ЕК и премиерот на Владата ќе одржат заедничка прес-конференција.

Портпаролот на ЕК – Ерик Мамер, претходно најави дека фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија. Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, Мамер не дал повеќе детали и посочил дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите што ќе ги има претседателката на ЕК.

„Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот. Ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи, вклучително и тоа билатерално прашање“, рече Мамер за спорот со Бугарија.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан, почнувајќи од Албанија. Посетата се случува една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот.

Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“, туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, во среда во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување – Оливер Вархеји. Информацијата ја потврдија службите на ЕК.

Програмата на посетата сѐ уште се финализира, но извесно е дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите со Северна Македонија во ЕУ.

- Реклама -