
Уставниот суд започнува постапка за оценување на законитоста на измените за платите на судиите и обвинителите
На денешната седница, Уставните судии одлучија да започнат процес за оценување на уставноста и законитоста на последните измени на Законот за платите на судиите и обвинителите. По контроверзното решение во 2023 година, со кое се зголемија платите на сите избрани и именувани лица за неверојатни 78 проценти, во 2024 година, со нов закон, коефициентот за пресметка на платите на сите избрани лица беше намален за 0,5 проценти. Оваа одлука особено ги погодила судиите и обвинителите, кои побарале објаснување, истакнувајќи дека, според законските прописе, никој нема право да им ги намали платите.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, посочи дека денешната одлука е важна за заштита на судската независност во однос на извршната и законодавната власт. Уставните судии се согласија дека ваквите законски интервенции директно ја загрозуваат финансиската независност на судската власт и се во спротивност со меѓународните стандарди.
„Општоприфатените норми на меѓународното право се применуваат на различен начин – дали преку конвенции, или мислења и ставови на Советот на Европа, или пак преку практиката на Европскиот суд за човекови права и мислењата на Венецијанската комисија. Кога овие стандарди се создадени, ние како Суд сме должни да ги почитуваме. Во случајот со намалување на платите на судиите, постојат меѓународно признати стандарди. Сумирано, овие стандарди гарантираат заштита против намалувањето на платите на судиите. Но, важноста на овие стандарди лежи во тоа што платата на судиите не е само техничко прашање, туку статусно прашање, нераскинливо поврзано со нивната независност и самостојност. Допирањето во платата, според меѓународните стандарди, значи навлегување во независноста и самостојноста на судиите“, изјави Костадиновски.
Според него, одлуката за платите на судиите не подразбира зголемување, туку спречување на понатамошното намалување и заштита на уставно утврдената власт и нејзините прерогативи за независност и самостојност. Сепак, според направените пресметки, ако ова барање за враќање на претходниот коефициент биде прифатено, судиите и обвинителите би можеле да добиваат дополнителни околу 250 евра месечно.



