Откако медиумите го прогласија MS Paint за мртов (а ние мудро си ќутевме), испадна дека некогаш омилениот софтвер за цртање никогаш и не умрел, ниту пак ќе умре во блиска иднина. По острата побуна од корисниците на одлуката на Microsoft да ја повлече апликацијата, од компанијата објавија дека Paint ќе биде бесплатно достапен на Windows Store.
„Во иднина MS Paint ќе биде бесплатен, а ќе објавуваме и ажурирања и надоградби и за Paint 3D, така што луѓето ќе можат да уживаат во сите можности на оваа апликација“, рекоа од Microsoft за CNN.
Paint е лансиран во 1985 година и сé досега беше дел од стандардниот Windows пакет што доаѓа со оперативниот систем. Поради малиот интерес за користење на апликацијата, извесно беше дека можеби ќе биде „укината“. Но, очигледно, а и сами тоа го признаа, од Micrsoft не учекуваа толку голема поддршка и носталгија. Paint, сепак, не оди никаде. Веројатно најсреќниот од оваа одлука ќе биде Пет Хајнс.