Повеќето пасионирани велосипедисти сигурно барем еднаш помислиле дека би било навистина згодно на нивниот веслосипед да имаат некој вид вградено напојување со помош на кое би можеле да го полнат својот мобилен телефон, mp3 плеер или навигациски уред.
Наизменичниот напон кој се генерира со помош на велосипедското динамо се претвора во еднонасочен (DC) напон со помош на целобранов исправувач кој се состои од диодите D1 до D4 и електролит за „пеглање“. Во мостниот исправувач избравме да употребиме шотки диоди бидејќи вкупниот пад на напонот кај нив изнесува само половина од вредноста која би се добила со употреба на силициумски диоди (приближно 0,3 V наместо 0,75 V по диода при јачина на струјата од 1 A).
Ова е уште позначајно ако се има предвид дека прекинувачкиот регулатор LT1076-CT5 има потреба од влезен напон од најмалку 8 V за да обезбеди постојан излезен напон од 5 V кој е соодветен за полнење на мобилите и навигациските уреди преку употреба на USB приклучок.
Кондензаторот за „пеглање“ (мазнење) на напонот C1 се полни сè до постигнување на врвната вредност од наизменичниот напон кој се добива од динамото. Кај повеќето велосипедски динама типичниот пик на излезниот напон не надминува 10 V.
Под оптоварување типичниот напон се разбира е понизок, но сè уште е доволен за функционирањето на LT1076-CT5 сè дури се употребуваат шотки диоди и C1 со вредност од најмалку 1000 µF.
LT1076-CT5 претставува интегриран двоамперски step-down претворувач чијшто излезен напон автоматски се фиксира на 5 V ако повратната врска (пин 1 од ИК) се врзе директно на излезниот напон од електролитскиот кондензатор C3.
Како и кај сите шеми на прекинувачки (switching) регулатори, C3 би требало да има ниска вредност на параметарот ESR (equivalent series resistance – еквивалентна сериска отпорност). Конфигурацијата на колото ги одразува препораките од даташитот на Linear Technology. Калемот од 100 µH употребен за L1 треба да биде за номинална јачина на DC струја од најмалку 1 A (при што DC отпорот треба да е помал од 0,3 Ω).
Колото лесно може да се изработи на универзална перфорирана плочка. Излезниот USB кабел може да се направи со сечење на USB продолжен кабел на два дела и лемење на соголените краеви за излезните терминали од ППК на парчето со женскиот USB конектор.
Важно е да се запази соодветниот поларитет! За да се заштити колото од надворешните влијанија добро би било склопот да се смести во соодветна кутиичка, а по залемувањето и осигурувањето со стеги на USB кабелот целата кутиичка да се залие со вештачка смола или силикон.
Објавено во соработка со Емитер.