Украинците почнаа контраофанзива за ослободување на Херсон, Зеленски вели дека Украина ќе се врати и во Донбас и на Крим

Украинските сили почнаа контраофанзива за јужниот град Херсон, што е под окупација на руските сили, изјави денеска претставник на локалната власт.

„Денеска имаше голем артилериски напад врз непријателските позиции … на целата територија на окупираната област Херсон“, изјави заменикот на Регионалниот совет на Херсон, Сергеј Клан.

Тој додаде дека од пролетта чекаат вест за отпочнување на операција за ослободување на регионот.

Претходно, германската ДПА, повикувајќи се на украински медиуми, јави дека украинските трупи навлегле во руските линии на фронтот во овој јужен регион.

„Вооружените сили на Украина започнаа офанзивни операции во повеќе делови на јужниот дел од Украина“, изјави Наталија Хуменјук, портпаролка на украинските јужни одбранбени сили.

Сепаратистичките единици на Доњецк и руските маринци кои ги поддржувале, наводно, биле принудени да се повлечат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, денеска вети дека Украина, покрај во Херсон и другите окупирани области, ќе се врати и во Донбас. Во видео обраќањето по повод Денот на градот Доњецк и Денот на рударите, кои се слават во Украина последниот викенд во август, Зеленски рече дека Украина не заборавила и нема да заборави ниту еден свој град и ниту еден свој човек.

Прочитајте и:  Руски борбени авиони, НАТО системи, американски хотели... Специјалните барања на Путин ја одложуваат неговата посета на Турција

„Доњецк отсекогаш бил еден од најбогатите и најмоќните градови во Украина“, рече Зеленски, потенцирајќи дека Донбас сега е речиси уништен од руските напади.

„Но, Украина ќе се врати. Задолжително. Ќе се врати достоинството на жителите на Донбас. Тоа ќе биде симболизирано со нашето украинско знаме кога ќе го поставиме во Доњецк, Горловка, Мариупол, во сите градови на Донбас и регионот Приазов, во сите области под руска окупација: Харков, Запорожје, Керсон. И секако – на Крим. Украина памети сѐ“, рече Зеленски.

- Реклама -