Украинскиот премиер побара уште модерно оружје од ЕУ

Брисел, 5 септември 2022 (МИА) – Украинскиот премиер, Денис Шмихал, кој денеска учествуваше на осмиот Совет за асоцијација со ЕУ, побара дополнителна воена помош од партнерите во Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.

Осмиот Совет за асоцијација меѓу ЕУ и Украина се одржа денеска во присуство на украинскиот премиер и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, заедно со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.

ЕУ повтори дека стои безрезервно зад Украина против руската агресија и дека целта на Унијата е Украина да стане демократска и просперитетна држава, меѓу другото преку реформскиот процес за зачленување во ЕУ. Украина стана земја кандидат за членство во јуни оваа година.

Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, рече дека „светот е различно место денеска“ по војната во Украина и ја поздрави храброста на украинскиот народ кој се бори против тешко вооружена и голема руска армија.

„Украина се бори за својата слобода и за сите нас. Како што рекоа многу европски лидери, вашата борба е наша борба“, рече Борел.

Прочитајте и:  Француската брза железница мета на „координирани акти на саботажа“, непосредно пред отворањето на ОИ

Тој се осврна и на ситуацијата со нуклеарната централа во Запорожје и ја повика Русија да стави крај на своето неодговорно однесување, Запорожје да остане демилитаризиран интегрален дел од Украина. Борел, исто така, ги поздрави големите реформски напори на Киев на патот кон членство во ЕУ.

Украинскиот премиер, од своја страна, уште еднаш се заблагодари за воената помош што ја добива неговата земја од ЕУ преку Европскиот мировен фонд, но рече дека на Украина ѝ е потребно уште модерно оружје за да се брани од Русија. За Украина е важно, исто така, да се воведе целосно ембарго врз целата енергетска индустрија на Русија во ЕУ, како и да се исклучат сите руски банки од меѓународниот финансиски систем.

Освен воена помош, Украина доби и соработка во областа на дигиталната политика на ЕУ, царинско олеснување и укинување на роамингот со ЕУ.

- Реклама -