Обидот за пробив на украинските сили во Курската област на руско-украинската граница е провокација од големи размери, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
-Како што знаете, режимот во Киев изврши уште една провокација од големи размери, пукајќи неселективно од различни видови оружје, вклучително и проектили, врз цивилни згради, станбени згради и амбулантни возила, рече тој.
Рускиот претседател посочи дека очекува извештај од безбедносните сили за ситуацијата во Курскиот регион, а првиот вицепремиер Денис Мантуров е задолжен да ја координира работата на цивилните оддели, пренесуваат руските медиуми.
Претходно денеска руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата спречила продор на украинските сили во областа Курск, по украинското гранатирање на областа во која беа повредени 24 лица, меѓу кои и шест деца.
Руското Министерство соопшти дека „единиците на вооружените сили на Руската Федерација, заедно со граничните служби на Федералната служба за безбедност (ФСБ), продолжиле во текот на ноќта да ги уништуваат формациите на вооружените сили на Украина во областа Курск, во близина на руско-украинската граница“.
-За време на гранатирањето во областа Курск, повредени се 24 лица, меѓу кои шест деца, изјави денеска рускиот помошник министер за здравство Алексеј Кузњецов.
Комесарот за правата на децата, Марија Лвова-Белова, изјави дека во болницата има четири деца – тригодишно девојче, чија состојба се оценува како умерено тешка, двегодишно момче со рана од шрапнел на грбот и две деца на возраст од пет и девет години.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека до 300 војници на 22-та механизирана бригада на вооружените сили на Украина, поддржани од 11 тенкови и повеќе од 20 оклопни борбени возила, ги нападнале областите Николаево-Дарино и Олешња, како и Курскиот регион.