Украина: Немаме докази дека Русите го напуштаат Херсон

Советникот на министерот за одбрана на Украина, Јуриј Сак, изјави дека неговата земја сè уште „не гледа докази за големи движења на војниците од Херсон“.

Сак во изјава за „Скај њуз“ рече дека затоа украинските власти остануваат скептични во врска со најавите на Москва.

Пред Русија вчера да соопшти дека се повлекува од Херсон, во градот имаше десетици илјади руски војници. Сак вели дека тоа се „значајни бројки“ и затоа ќе мора „да се почека и да се види“ дали Русите ќе почнат да го напуштаат градот.

Иако Украина денеска ослободи неколку населби во близина на градот, Сак рече дека нивните војници сè уште немаат пристап до самиот град, кој со месеци е под руска окупација.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека руската армија почнала да се повлекува од областа кон источниот брег на реката Дњепар.

„Единиците на рускиот контингент маневрираат кон позициите поставени на левиот (источниот) брег на реката Дњепар, во согласност со одобрениот план“, соопшти руското МО.

Советникот на Зеленски, Михаило Подољак, пак, обвини дека Русите рушат и минираат сѐ што можат да срушат и минираат во Херсон и се обидуваат да го претворат во „град на смртта“, вклучително и преку гранатирање од позииците на кои ќе се повлечат од левата страна на Дњепар.

И британските разузнавачи сметаат дека Русите при повлекувањето уништиле повеќе мостови и веројатно поставиле мини за да го забават напредувањето на украинските сили. Британското Министерство за одбрана, во најновата анализа на ситуацијата, наведува дека способноста на Русија да ги задржи силите на западниот брег на Дњепар се нашла под знак прашалник поради украинските удари на рутите за снабдување. Тоа, впрочем, беше и образложението на генералот Сергеј Суровикин, командантот на руските сили во Украина, за одлуката за повлекување од Херсон – најголемиот град што Русите го преземаа од почетокот на војната. Одлуката, од тие причини, доби поддршка и од чеченскиот лидер Рамзан Кадиров и основачот на групата „Вагнер“ и близок соработник на Путин – Евгениј Пригожин.

Прочитајте и:  Намалената реколта на пченица во ЕУ ја засилува „русификацијата“ на глобалниот земјоделски пазар

Како што оцени британското МО, веројатно е дека повлекувањето ќе трае неколку дена, а притоа силите што ќе се повлекуваат веројатно ќе бидат покриени со артилериски оган од утврдените одбранбени позиции.

Според британското МО, загубата на западниот брег на Дњепар веројатно ќе ја спречи Русија во остварување на нејзината важна стратешка цел – воспоставување копнен коридор кон Одеса.

Но Киев веќе најави претпазливост.

„Се бориме да се пробиеме, а кога се борите мора да сфатите дека секој чекор секогаш носи отпор од непријателот, тоа е секогаш загуба на животите на нашите херои“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за одлуката на Москва за повлекување од Херсон, додавајќи дека украинските сили мора да се многу внимателни и воздржани, без емоции, за да не преземат непотребен ризик.

Во однос на повлекувањето, генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, оцени дека Русија е под голем притисок и дека ако го напушти Херсон, тоа ќе биде уште една победа за Украина. Ветувајќи поддршка од НАТО колку што е потребно, Столтенберг оцени дека поддршката дадена од НАТО сојузниците носи промени на бојното поле секој ден и останува клучна за напредокот на Украина.

Најавата за повлекување ја коментираше и американскиот претседател Џо Бајден. Според него, таа покажува дека Москва има реални проблеми со армијата. Со оглед на изборите во САД, Бајден оцени дека е „интересно што Русија го чекала крајот“ на американските избори за да ја објави таа одлука.

Извор: МИА

- Реклама -