„Убиецот на Porsche“ во понуда

Компанијата Rezvani Motors објави дека прифаќа нарачки за својот нов модел – Beast Alpha, а цената му е намалена во однос на онаа која беше најавена. Спортскиот автомобил со моќност од 500 КС, кој е посочен како конкурент на Porsche 911, ќе чини помалку од 100.000 американски долари.

Купето Beast Alpha беше претставено на саемот во Париз заедно со другиот модел на марката – родстерот Beast. Тогаш од компанијата најавија дека почетната цена на автомобилот ќе биде минимум 149.000 американски долари. Сега, сепак таа е намалена, без тоа да влијае на техничките карактеристики на автомобилот.

„Новиот Beast Alpha ќе биде најприфатливиот автомобил на Rezvani Motors, ќе го зачува егзотичниот дизајн, како и продуктивноста на моторот. Цената сепак ќе е под 100.000 долари“, се вели во официјалното соопштение на компанијата.

Идејата на производителот е да привлече широка публика, која бара уникатен автомобил по прифатлива цена. Нарачки за моделот на Rezvani веќе се прифаќаат, а клиентот мора да поднесе депозит во износ од илјада долари.

– Ја основавме Rezvani Motors пред две години со цел за изработка на спортски автомобил, кој ќе биде полесен, побрз и ќе нуди феноменална управливост за својата класа. Целта ни е речиси исполнета, а автомобил ќе пристигне во втората половина на годината. Тој ќе стане „убиец“ на Porsche, можете да бидете сигурни во тоа, објасни директорот на компанијата Ферис Резвани.

- Реклама -