Ципрас распиша предвремени парламентарни избори во Грција

Предвремените парламентарни избори, кои ги побара грчкиот премиер Алексис Ципрас по поразот на изборите во неделата, ќе се одржат на 7 јули, соопштија вчера од грчката влада.

Ципрас, веднаш уште истата вечер по тешкиот пораз на европските и локални избори во неделата на неговата партија „Сириза“, објави дека ќе распише предвремени парламентарни избори.

„По вториот круг од локалните избори (на 2 јуни), ќе побарам од претседателот веднаш да распише парламентарни избори“, рече Ципрас во ТВ обраќањето по изборите. Грчките медиуми шпекулираа со датумот 30-ти јуни, но како што објасни владиниот портпарол Димитрис Цанакопулос, премерот го избрал 7 јули за да не ги попречува школските испити.

На европските избори Сириза освои 23.7% од гласовите, а опозициската десничарска Нова Демократија – над 33%. Особено убедлива победата беше во северниот дел на Грција.

Поразот на Ципрас и неговата Сириза ги разбудија cтpaвувањата од можни пречки од грчка страна за Преспанскиот договор. Лидерот на Неа Демократиа – Кирјакос Мицотакис, речиси целата своја кампањата ја темелеше на „штетните последици од Преспанскиот договор“, ветувајќи дека кога ќе дојде на власт ќе стори сè за нивно ублажување.

Дел од аналитичарите, меѓу кои е и ексамбасадорот во НАТО – Нано Ружин, сметаат дека се можни ситни блокади, но не и некакво посериозно спречување на динамиката на преговарачките процеси со Унијата. „За да го направите тоа, ви треба добар изговор и сериозна аргументација. Во Грција допрва треба да се закажат парламентарни избори. Додека процесот на формирање на новата грчка влада целосно финишира, ние веќе ќе знаеме дали ќе добиеме почеток на преговорите со Европската Унија или не“, вели Ружин за „Независен“. Тој не верува ниту во сценариото дека Мицотакис, ако ја преземе власта, ќе побара од членките на НАТО кои сè уште не го ратификувале протоколот (за членство на Северна Македонија во Алијансата), да го блокираат процесот, а тие тоа да го прифатат.

- Реклама -