Грчкиот премиер Алексис Ципрас со задоволство ја прифатил номинацијата за Нобелова награда за мир, вели професорот и ректор на Универзитетот ФОН – Нано Ружин, кој заедно со нобеловката Уидед Бушамауи и поддржувачите на номинацијата – грчкиот европратеник Стелиос Колуглу и генералниот менаџер на ФОН м-р Сефер Цаноски, синоќа замина во Атина за да му ја соопштат покренатата иницијатива на Ципрас.
„Имавме многу срдечна средба со прекрасна, едноставна и скромна личност“, вели Нано Ружин за „Дојче веле“. Ципрас бил пријатно изненаден и рекол дека чинот го сфаќа како силна поддршка за процесот што го започнале со неговиот колега Зоран Заев. Ципрас рекол и дека номинацијата ќе им даде дополнителна сила за да го завршат процесот и да се соочат со „разните националистички испади“ на кои тој и Заев се изложени, но и дека тоа е порака до внатрешните сили кои не прифаќаат да се реализира Преспанскиот договор.
На средбата грчкиот премиер испратил и честитки за Нова Година и Божик до сите наши граѓани, со желба двете земји идните прослави да ги дочекаат без никакви билатерални проблеми.
„Во тој пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што тој низ насмевка одговори: ‘Да, да, ние сме како браќа’“, раскажува Ружин.
Целата вест прочитајте ја на ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.