Тренд во Србија: Се продаваат семејни гробни места, сосе роднини

Во Србија сè поголем замав зема прилично бизарен тренд – луѓето си ги продаваат своите семејни гробници, иако во нив веќе се погребани нивни најблиски роднини.

Ваквата трговија е прилично вносен бизнис, а судејќи по огласите, цените на парцелите се движат од 13 до 16 илјади евра. За многумина се несфатливи огласите во кои гробни парцели се рекламираат како небаре да продавате атрактивна недвижнина, но судејќи по брзината со која огласите ги снемува од интернет огласниците, проценката е дека оваа трговија прилично цвета.

Притоа, кога ќе се договори продажба, не се склучува купопродажен, туку договор за трајно отстапување. Продавачот се обврзува дека во својот тестамент гробното место ќе му го остави на купувачот, кој дури тогаш станува формален сопственик. Според правилникот, коските на покојникот не смеат да се извадат 10 години, а потоа е дозволено. Притоа не мора да се врши ексхумација.

„Му велам на синот, дај го гробот на чичко ми во оглас, ако може да се земе некој динар. Нас не ни треба, а некому ќе му затреба, кој би знаел“, вели извесен Југослав, еден од луѓето кои огласуваат гробно место за продажба. Во неговиот случај, тој гробното место го наследил, наместо стан, од неговиот покоен чичко, па решил да го продаде и парите да ги подели со својата сестра.

Причините се различни, но сепак се сведуваат на пари – гробните места се продаваат или од финансиски причини, или бидејќи на роднините им е тешко и не можат да го одржуваат гробот на покојникот.

Од друга страна, огласите се посебно морбидни, бидејќи без исклучок се украсени со сите можни „предности“, небаре се работи за атрактивен плац: „на само 10 минути одење од главната капија“, „локација каква што тешко се наоѓа денес“ и слични.

 

Зар ништо веќе не е свето?, ќе се запрашаат оние што првпат слушаат за трендот, а одговорот е прилично едноставен: Ако не ништо, тогаш само малку нешта останаа свети.

Погледнете го прилогот на B92.

- Реклама -