Вашингтон, 18 август 2021 (МИА) Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги спореди годишните расходи на САД за операциите во Авганистан – со воениот буџет на Русија.
„Трошевме само 42 милијарди долари годишно. Замислете, 42 милијарди. Колку што сфатив, Русија годишно троши 50 милијарди за цела војска, а ние 42 милијарди“, изјави Трамп во интерјви за Фокс њуз.
Тој додаде дека и покрај толкавите трошоци САД не добиле ништо за возврат.
„Милијарди и милијарди долари. Најновите хеликоптери ‘Блек хоук’, што сега ќе ги проучува Русија, Кина и некои други, бидејќи тоа е најдобрата технологија во светот“, посочи Трамп.
Тој додаде дека е огорчен што САД не ја уништиле воената техника пред да заминат од Авганистан и сега таа е во рацете на талибанците.
„Повлекувањето на трупите од Авганистан под раководство на актуелниот претседател Џо Бајден, е најголемо понижување за САД“, посочи Трамп.