Трамп пристигна во судот каде и формално ќе биде уапсен: „Трагичен ден за Републиката“

По 10-минутно возење низ Менхетен, во колона од 15-тина возила, поранешниот американски претседател Доналд Трамп пристигна пред зградата на судот.

Откако излезе од автомобилот, кратко им отпоздрави на присутните пред судот и потоа влезе во зградата придружуван од агенти на Тајната служба.

Тој ќе се упати во Окружното обвинителство каде и формално ќе биде уапсен, а постапката налагала да му се земат отпечатоци од прсти.

Потоа Трамп ќе треба да се појави пред судија, за да се изјасни по обвинеието за поткуп.

Пред денешното негово судење, њујоршката полиција стави во состојба на подготовеност околу 35.000 полицајци.

Трамп, пак, претходно испрати и-мејл до неговите поддржувачи, во кој оцени дека САД стануваат „марксистичка земја од третиот свет“ и денешниот ден го оцени како „трагичен за Републиката“.

Прочитајте и:  Трамп повика на брз прекин на војната на Израел со Хамас

Во „неговиот последен и-мејл пред неговото апсење“, како што Трамп ја насловил пораката, вклучен бил и линкот за собирање средства во кој Трамп бара од поддржувачите „да дадат свој придонес за да ја спасат Америка“, пренесуваат медиумите.

Трамп потоа оваа порака ја објави и на својата социјална мрежа “Truth”(„Вистина“), а притоа замери и за локацијата во Њујорк каде што беше закажано судењето, нарекувајќи ја  „многу неправедно место“ бидејќи, како што вели, во некои делови од областа за Републиканците гласале само еден процент од гласачите.

Трамп се пожали и на судијата пред кого треба да се појави, нарекувајќи го „многу пристрасен“. Според Трамп, и за судијата и за неговото семејство се знае дека него го мразат.

Извор: МИА

- Реклама -