Трамп официјално ќе биде обвинет за заговор против државата

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на денешното судско рочиште официјално ќе биде обвинет за заговор за поништување на неговиот пораз на изборите во 2020 година.

Трамп случајот го нарече доказ за „корупција, скандал и неуспех“ на претседателствувањето на Џо Бајден.

Пред рочиштето во Вашингтон е зголемено обезбедувањето. Иако на Трамп му беше понудено да се јави пред судот преку видеоврска најверојатно тој ќе се појави во судница. Се очекува поранешниот американски претседател да се изјасни како невин.

Според обвинението Трамп се соочува со четири точки, вклучувајќи заговор за измама на државата, влијание врз сведок и заговор против граѓанските права. И покрај ова, Трамп во моментов води во анкетите за републикански кандидат на изборите следната година.

Републиканците во Конгресот застанаа зад поранешниот претседател, тврдејќи дека најновиот процес покажува дека САД станале „банана република“ и повторувајќи ги неговите тврдења дека се работи за мешање на државата во изборите.

Прочитајте и:  Трамп на митинг дојде во камион за ѓубре: Ова е во чест на Камала и Бајден

Против Трамп веќе се водат два процеса, но тој сè уште се подготвува за претседателските избори, што ќе се одржат следната година. Денешното обвинение се чини е најсериозно.

Тој вчера на неговата социјална мрежа „Трут сошл“ (Truth Social) им се заблагодари на своите поддржувачи од неговиот клуб за голф во Њу Џерси и рече дека „никогаш немал таква поддршка за ништо“.

Во други постови, тој ги нападна своите републикански ривали, вклучително и неговиот поранешен потпретседател Мајк Пенс и гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис. Тој ги повтори своите тврдења дека Пенс има законско овластување да го спречи Конгресот да ја потврди изборната победа на Бајден на 6 јануари 2021 година, денот кога неговите поддржувачи го нападнаа центарот на американската демократија.

МИА

- Реклама -