Трамп: Ќе повикам на нов напор за национално единство

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп изјави дека по обидот за атентат во кој беше полесно повреден, целосно го променил говорот што ќе го одржи в четврток, на последниот, четврти ден од конвенцијата на Републиканците во Милвоки и изјави дека ќе повика на нови напори кон национално единство.

Трамп во ексклузивно интервју за неделникот „Вашингтон Егзаминер“ изјави дека сака да го искористи историскиот момент и да ја обедини земјата.

– Говорот што планирав да го одржам в четврток требаше да биде навистина моќен. Да не се случеше ова (обидот за атентат во Пенсилванија), тоа ќе беше еден од најневеројатните говори фокусирани главно на политиката на претседателот Џозеф Бајден. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор, рече Трамп.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Тој рече дека говорот ќе го одрази неговото верување дека нападот на митингот во Пенсилванија целосно го променил текот на изборната кампања, што и републиканците и демократите веќе го потврдија.

Трамп рече дека неговиот говор ќе биде „одговор на моментот што го наметнала историјата“.

– Ова е можност да ја обединиме земјата, дури и целиот свет. Говорот значително ќе биде поинаков од оној што беше планиран пред два дена, рече Трамп.

- Реклама -