Трамп со историско зголемување на воениот буџет на САД

Доналд Трамп ќе го зголеми буџетот на Пентагон за 54 милијарди долари. Во проценти, тоа е зголемување за цели 9 отсто. Оваа мерка на новата администрација е „одговор на опасниот свет“, и најголемо зголемување на воениот буџет од времето на Роналд Реган во ’80-тите.

Парите за зголемување на буџетот ќе се компензираат преку намалување на американската хуманитарна помош. Со новиот буџет за 2018-та кој Трамп ќе го презентира пред Конгресот, тој ќе го исполни своето предизборно ветување дека ќе ги заштитува Американците, истакнува Белата куќа.

Ова ќе биде најголемото зголемување на воениот буџет на САД од времето на администрацијата на Роналд Реган од ’80-те години, потврдува директорот на Буџетот – Мик Малвени. Намалувањето на хуманитарниот буџет на САД тој го гледа како позитивна мерка, бидејќи така отсега ќе се трошат помалку средства во странство, а повеќе дома.

„Ние мораме да победуваме, ние мораме да почнеме повторно да ги добиваме војните“, изјави Трамп пред американските гувернери. „Кога бев млад, сите зборуваа дека ние никогаш не сме биле поразени. Се сеќавате? Америка никогаш не губеше. А сега, ние никогаш победуваме во војните”.

Новата американска власт истакна дека ова е само почеток на процесот и засега одбива да даде детали за тоа колкав ќе биде буџетот на американската дипломатија или агенцијата за заштита на животната околина, на пример.

Прочитајте и:  Бајден и дозволил на Украина да користи американско оружје за напади во внатрешноста на Русија

Најавувајќи го својот говор во Конгресот, Трамп изјави дека новиот буџет ќе биде „порака до светот во овие опасни времиња“, порака која ќе му даде до знаење колкава е „определбата и силата на Америка“. Тој рече и дека ова ќе биде „најголемото зајакнување на моќта на војската во историјата на Америка”.

Демократите пак, сметаат дека зголемувањето на воениот буџет ќе оди на штета на програмите за заштита на средната класа – кои ги штитат граѓаните од Вол Стрит, како и на штета на програмите за контрола на квалитетот на воздухот и водата во САД.

За разлика од Трамп, неговиот претходник Обама ги повлече американските трупи од Авганистан и Ирак, така намалувајќи го буџетот на војската на САД. Дури и тогаш, американскиот воен буџет пак беше најголемиот во светот; во моментов изнесува 600 милијарди долари, т.е. 3.3% од бруто националниот приход на САД.

Според шведскиот институт Сипри, овој буџет е поголем и од буџетот на Кина, а осум пати поголем и од буџетот на Русија.

- Реклама -