„Тиранинот Путин конечно ги започна процесите што ќе го закопаат во неговата сопствена земја“ – реакции по одлуката на Путин за мобилизација

Никакви закани и пропаганда не можат да го скријат фактот дека Украина победува, изјави британскиот министер за одбрана Бен Валас, еден од долгата низа лидери кои реагираа на денешното ТВ обраќање на рускиот претседател Владимир Путин, во кое тој објави и „делумна мобилизација“ на 300.000 резервисти кои ќе се приклучат во „специјалната воена операција“ во Украина.

Според Валас, изјавите на Путин утрово се признание дека неговиот план во Украина пропаѓа.

„Тој и неговиот министер за одбрана испратија во смрт десетици илјади нивни лошо опремени и лошо водени граѓани. Ниту една пропаганда не може да го скрие фактот дека Украина победува во оваа војна, дека меѓународната заедница е обединета“, рече Валас.

Чешкиот премиер, Петр Фијала, пак, оцени дека делумната мобилизација што ја објави Москва е „обид за понатамошна ескалација на руската војна против Украина“.

Според него, тоа е „уште еден доказ дека Русија е единствениот агресор“.

„На Украина треба да ѝ се помогне и во наш интерес мора да продолжиме да го правиме тоа“, напиша Фијала на Твитер.

Холандскиот премиер Марк Руте, од своја страна, за холандската телевизија „НОС“, оцени дека Путин е во паника.

„Мобилизација, повикување на референдуми во Доњецк, сето тоа е знак на паника. Неговата реторика за нуклеарното оружје е нешто што сме го слушнале многу пати досега и нè остава ладни. Сето тоа е дел од реториката што ја знаеме. Би ве советувал да останете мирни“, порача тој.

Осуда за одлуката на Путин стигна и од германскиот министер за економија – Роберт Хабек.

„Овој потег е лош и погрешен“, оцени тој.

Сајмон Мајал, поранешен британски заменик началник на Генералштабот на одбраната, за „Скај њуз“ изјави „Путин го прокоцкал целиот углед на Русија“. Според него, Путин е „многу заглавен поради сопствените погрешни проценки“.

Американската амбасадорка во Киев, Бриџет Бринк, ја оцени најавата на рускиот претседател Владимир Путин како знак на неуспех и нагласи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат отпорот на Украина на руската агресија.

„Лажните референдуми и мобилизацијата се знаци на слабост, на рускиот неуспех“, напиша Бринк на Твитер и додаде дека САД никогаш нема да ја признаат руската власт во наводно анектирана украинска територија.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Ние ќе продолжиме да стоиме со Украина онолку долго колку што е потребно“, додаде таа.

Министерот за одбрана на Литванија, Арвидас Анушаускас, пак, информираше дека воените сили се ставаат во состојба на готовност.

„Со оглед на тоа што руската воена мобилизација исто така ќе се одвива близу нашите граници, литванските сили за брза реакција се ставаат во состојба на висока готовност со цел да се спречат какви било провокации од Русија“, напиша тој на Твитер.

Папата Франциск утринава, откако Путин ја соопшти мобилизацијата, изјави дека Украина е „маченик“. Тој не ги именуваше Путин или Русија, но го осуди „дивјаштвото, монструозноста и тортурата“ што се случуваат во Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц смета дека воените неуспеси во војната на Русија против Украина се причина за одлуката на рускиот претседател да мобилизира стотици илјади резервисти.

„Сето ова може да се објасни само со фактот дека рускиот напад врз Украина не е успешен“, изјавил портпарол на владата во Берлин, цитирајќи го Шолц, јави ДПА.

Руската војска беше принудена да се прегрупира откако се повлече од Киев и не го постигна посакуваниот исход во источна Украина, истакна портпаролот.

„Ова е видлив знак дека Украина е многу ефикасна во одбраната на сопствениот интегритет и суверенитет, не само поради огромната и голема поддршка од многу земји во светот, особено Германија“, додаде тој.

Реакции, секако, пристигнаа и од Украина. „Руската мобилизација беше предвидлив чекор што ќе се покаже крајно непопуларен во јавноста“, изјавија денеска украински претставници.

Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, посочи дека овој потег јасно покажува дека војната не се одвива според планот на Москва.

Според него, Путин очигледно се обидува да ја префрли вината за почетокот на „неиспровоцираната војна“ со Украина на Западот.

„И понатаму сè е по планот, зар не? Животот има сјајна смисла за хумор“, напиша Подолјак.

„Мобилизацијата и нуклеарните закани нема да му помогнат на агресорот во неговите напори да ја освои и уништи Украина и Украинците“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.

„Тиранинот Путин конечно ги започна процесите што ќе го закопаат во неговата сопствена земја“, рече Кличко.

Извор: МИА

- Реклама -