Тест на крвта ја открива должината на животот

Тест на крвта ја открива должината на живототШпанските научници осмислиле тест на крвта со кој може да се открие колку долго некое лице ќе живее. Тестот се базира врз утврдување на брзината на стареење преку должината на теломерите, а во продажба ќе се најде кон крајот на годинава.

Тестот, кој чини 500 евра, точно може да ја измери должината на теломерите кои се поврзани со долговечноста. Теломерите се делови од ДНК кои се наоѓаат на краевите на хромозомите (слично како краевите од врвките на вашите патики кои не дозволуваат врвките да се расплетат) и служат како своевидна заштита од оштетување и од губење на функцијата на клетките, што пак тесно е поврзано со стареењето. Научниците веруваат дека пократките теломери се индикатори за побрзо стареење, односно за покус животен век.

Шпанската компанија Life Lenght го развила овој нов комерцијален “тест на должина на животот” за кој тврди дека ќе открие колку долго луѓето ќе живеат, прашање чиј одговор секој сака да го знае, макар и од гледачка или од должината на “линијата на животот” на својата дланка.

Прочитајте и:  Со промена на еден ген, научниците го продолжија животот на мушички за 30%

– Кога ќе дознаеме дали нашите теломери се пократки или подолги добиваме информација за нашето здравје и физиолошко стареење дури и пред да се разболиме од некоја болест. Новиот тест е особено прецизен. Може да ги открие и најмалите разлики во должината на теломерите. Многу е едноставен и брз. Истовремено можат да се анализираат голем број примероци, – вели Марија Бласко од Шпанскиот национален истражувачки центар за рак со седиште во Мадрид.

Нејзината приватна компанија е во преговори со произведувачот на овој тест затоа што постои голем интерес овој тест да се произведува во Европа и САД. Се претпоставува дека голем број луѓе ќе сакаат да дознаат до кога ќе живеат, дури и оние кои се здрави, а особено оние кои се болни од некоја тешка неизлечлива болест.

Експертите велат дека тестот, покрај тоа што ќе одреди колку некој ќе живее, ќе им помогне на луѓето да развијат здрави животни навики и да го намалат стресот.

Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР

- Реклама -