Телефонски разговор Ковачевски – Шмигаљ: Украина ја има нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет

Премиерот Димитар Ковачевски денеска остварил телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, при што му ја изразил поддршката на земјава за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината Прес-служба.

Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски порачал дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

„Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право“, се наведува во соопштението.

Ковачевски истакнал и дека „Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници“, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

Прочитајте и:  Путин со обраќање до нацијата: Конфликтот доби глобален карактер

Во разговорот, премиерот Ковачевски додал и дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки, се наведува, исто така, во соопштението.

- Реклама -