Објавени првите технички детали за Golf VII (видео)

На десетина дена пред првото јавно покажување закажано за 4 септември на посебна манифестација организирана во Берлин, Фолксваген со јавноста сподели неколку бројки околу новата, седма по ред генерација на легендарниот Голф.

Без објавување фотографии или споменување нешто околу неговиот дизајн, за кој се знае дека ќе биде еволутивен, од Фолксваген кажуваат дека поставен на модуларната MQB платформа, Golf VII ќе биде долг 4.255, широк 1.799 и висок 1.452 mm, што значи дека е за 56 mm подолг, за 13 поширок и за 28 милиметри понизок од сегашната генерација.

Меѓуоскиното растојание му е зголемено за 59 mm и сега изнесува 2.637 милиметри, а за 8, односно 6 mm се зголемени и трагите на тркалата напред и назад, од што директно профитираат просторот во кабината и багажникот, кој сега е поголем за 30 литри и располага со вкупно 380 dm³.

При самото проектирање на возилото многу се внимавало на тежината, која со бројни мерки е намалена и до 100 kg во однос на сегашната генерација. Како директен резултат на тоа, потрошувачката на гориво која во просек е намалена за 13,9%, кај некои моторни верзии е помала за речиси четвртина.

Иако производството на новата генерација на Голф започна уште на почетокот на август во фабриките на Фолксваген во Волфсбург и Цвикау, заради тоа што веќе во ноември ќе се најде во продажба на големите европски пазари, засега се познати само дел од моторите со кои ќе се нуди – основната верзија ќе располага со 1,2 литарски TSi мотор, а меѓу новите генерации на три и четирицилиндрични турбо бензински и дизел мотори ќе се најде и 1,4 литарскиот TSi со деактивација на цилиндрите и 140 КС, познат од Polo BlueGT, кој, спарен со седумстепен DSG менувач, ќе може да помине 100 km со само 4,8 литри, притоа испуштајќи 112 g CO₂ во атмосферата.

{youtube}35Q1H3pb5Ks{/youtube}

Топ моделот се очекува да има дволитарски мотор со околу 300 КС, а во не така блиска иднина ќе се појават и три еколошки верзии, две хибридни (со бензински и дизел мотор) и една електрична.

Според засега непотврдени информации, светската премиера на седмата генерација на Golf закажана за салонот на автомобилите во Париз, кој се одржува од 29 септември до 14 октомври, Volkswagen ќе ја зачини и со покажувањето на неговата GTi верзија, опремена со 2,0 литарски турбо мотор со 225 КС.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -