Театарот настапува за СОС Детско село

Во чест на 25-годишнината од СОС Детско село, во соработка со театрите низ Македонија, се реализира хуманитарната иницијатива „Театрите за СОС Детско село“, под мотото „Сцената што менува животи“. Оваа иницијатива значи дека со секој купен билет се дава директна поддршка за децата и младите.

Македонскиот народен театар со големо задоволство се приклучува на оваа важна акција. На 19 мај, на малата сцена во МНТ, ќе биде изведена претставата „Торонто експрес“, инспирирана од збирката есеи „Тибам Штркот“ на Зоран Спасов-Ѕоф, во режија на Јордан Симонов.

Во оваа претстава ќе настапи првенецот на МНТ, Александар Микиќ. Неговиот уникатен сценски израз, комбиниран со прецизен хумор и суптилна емотивност, создава несомнено впечатлива изведба. Како еден од најангажираните актери во актуелниот репертоар на МНТ, Микиќ повторно ќе остави свој забележлив печат.

„Торонто експрес“ не е само театарска вечер, туку и чин на солидарност и единство. Со своето присуство, публиката не само што ја поддржува уметноста, туку и активно учествува во иницијатива која создава грижа, сигурност и подобра иднина за децата и младите на кои им е најпотребна помош.

Билетите може да се набават онлајн преку веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата на театарот.