Таравари: Само малоумен верува дека Уставниот суд случајно ги активираше предметите за балансерот и законот за јазици во првите 100 дена од оваа влада

Неопходна е синхронизација во владината коалиција за законот за правична застапеност, изјави министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Обелодени и дека во Работната група за подготовка на законот, освен вицепремиерот Арбен Фетаи кој доаѓа од Алијансата за Албанците, ќе членуваат и високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои ќе ги „пеглаат“ разликите во законското решение.

Тој не сакаше да открие врз основа на каков механизам ќе се води сметка за правична застапеност.

-Сите партии во владината коалиција треба да се синхронизираме и да произведеме конечен закон за правична застапеност. Мора да најдеме прифатливо решение кое може да се имплементира. Правичната застапеност е уставна категорија и за тоа треба закон. Ние имавме закон подготвен од наши експерти во партијата. Се консултиравме и со Советот на Европа и со меѓународни и експерти од државата. Но, за законот да биде конечен, треба да се синхронизираат сите партии во владината коалиција, истакна Таравари.

Тој се осврна и на Уставниот суд кој, како што подвлече, ги отвори двете прашања, и законот за јазици и законот за балансерот.

-Тие два предмета стојат од 2018/2019 година и сега им требаа 100 дена Влада за да ги актуелизираат веднаш. Ме прашуваат за пратениците на ДУИ, Европскиот фронт има и од турска партија, меѓутоа има и еден човек што не е од ниту една партија. Тоа е Мурат Сали. Тој е бивш претседател на Уставниот суд. Во една дебата некој ми рече дека тој е од Турската демократска партија. Не е вистина. Тој не е член на Турската демократска партија. Нема своја партија. Нема ниту невладина организација. Не е предложен од некого. Тој е земен од Ахмети како личност и денес е пратеник на ДУИ. Дали имал цел, дали е намерно или ненамерно – тоа те асоцира, во слободни асоцијации на Фројд, дека баш зема пратеник кој е Турчин, кој не е претставник на некоја партија или на некоја невладина организација, а е бивш претседател на Уставниот суд и моментално се актуализираат поради првите сто дена на Владата, две теми за кои не е моментот во првите три месеци да се разговара, рече Таравари.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Тој е уверен дека ДУИ има влијание, не само во Уставниот суд, туку во сите судски органи и генерално, во правниот систем во државата.

-Дефинитивно мислам дека ДУИ го „тригерира“ ова за да излезе на површина, оцени Таравари.

На прашањето дали требаше да се бараат механизми за да се ограничи злоупотребата на „балансерот“, а не да се укинува, Таравари рече дека неговото укинување било во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а имало и стратегија за администрација донесена од Владата, потпишана и од Бујар Османи, Крешник Бектеши, Кренар Лога и уште некој од поранешните министри на ДУИ, која предвидела укинување на „балансерот“.

-Ние се договоривме со ВМРО-ДПМНЕ да причекаме да подготвиме закон, па после да го тргнеме ’балансерот’. И ова ни се случи неочекувано – Уставниот суд веднаш да ги исфрли на површина. Треба да бидеш малоумен и да веруваш дека Уставниот суд случајно и двата предмети – и за употреба на албанскиот јазик и за ’балансерот’ – ќе ги стави во првите три месеци од мандатот на новата влада, нагласи Таравари.

Негов став во однос на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е дека на нејзино чело не смее да биде партиски човек. За Бојан Христовски немам доволно информации. Читав нешто по медиуми и по портали, но не мора да значи дека сите тие информации се веродостојни. Ни требаат информации да собереме од сите страни и да се разговара. Ако е добро како решение, треба да продолжи. Ако не е добро, повторно премиерот треба да одлучи. Таму не смее да биде партиски човек. Генерално, гледам дека премиерот наоѓа решенија кои се релативно прифатливи, генерално зборувам, не велам стопроцентно, така што ќе видиме, ќе разговараме повторно, да ги добиеме сите информации, напомена Таравари.

- Реклама -