СЗО во директни преговори со Москва за руската вакцина, Русија започнува тестирање на 40.000 луѓе

СЗО започнала директни разговори со Москва во обид да добие повеќе информации околу вакцината „Спутник 5“ која Русија прва во светот ја регистрираше пред десетина дена и покрај тоа што не се завршени напредните испитувања кои се неопходни за да се докаже дека вакцината работи.

Во виртуелна прес-конференција од канцеларијата во Копенхаген, високата функционерка на СЗО за Европа – Кетрин Смолвуд, соопшти дека биле остварени неколку директни дискусии меѓу тимови од Русија и СЗО, пред сѐ по прашањето како СЗО да ја испита и процени потенцијалната вакцина.

Директорот на СЗО за Европа – Ханс Клуге, истакна дека секоја потенцијална вакцина е добра вест и потсети дека Русија има долга историја на развој и употреба на вакцини (вклучително и против жолта треска и детска парализа), но потенцираше и дека секоја вакцина мора да подлежи на истите ригорозни проценки.

„Загриженоста што ја имаме околу безбедноста и ефикасноста не се однесува конкретно на руската вакцина, туку на сите вакцини во развој“, додаде Смолвуд.

Таа потврдува дека СЗО има „забрзан пристап“ во обид побрзо да се развие вакцина против Ковид-19, но истакна дека е од клучна важност „да не се оди по кратенки“ кон таа цел, особено од аспект на безбедноста и ефикасноста.

ВАКЦИНАТА Е ПРОИЗВОД НА НЕКОЛКУДЕЦЕНИСКА, А НЕ НА ПЕТМЕСЕЧНА РАБОТА

Руската вакцина не е почната од нула и направена за пет месеци, туку е производ на сработеното во изминатите четири децении, објаснува Денис Логунов – заменик директор за истражувања во Националниот центар за епидемиологија и микробиологија – „Гамалеја“.

„Четири децении поминаа откако аденовиралната векторска технологија се користи во пракса. Во текот на овие четири децении, создадовме технолошка платформа што беше тестирана на десетици илјади луѓе, и на база на 5-от и на база на 25-от серотипски вектор. Од 2015 година, повеќе од 3.000 луѓе беа вакцинирани со аденовирална векторска вакцина развиена во центарот Гамалеја. Оттаму, во никој случај не се работи за петмесечно постигнување, туку работа во текот на неколку декади“, изјави тој за руската агенција „Спутник“.

„Институтот Гамалеја работи над вакцина веќе 40 години. Пред 25 години тие први произведоа векторска вакцина која во својата основа има некаков вирус. Тие векторски вакцини веќе ги направија против треската ебола и МЕРС (блискоисточниот коронавирус кој е многу сличен на Ковид-19) и кога требаше да се направи вакцина против коронавирусот, тие веќе ја имаа основата над која работеа 25 години. Тие на таа основа само ѝ додадоа компонента, а тоа е генетички материјал од коронавирусот“, објаснува и д-р Сергеј Болевиќ – угледен професор по медицина во Русија, пренесува „Руска реч“.

Прочитајте и:  Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

„Вакцината е направена за две недели, а потоа почнаа со неопходните проверки. Што се однесува до другите вакцини во светот, сите тие почнуваат од нула, затоа не стигнаа да ја направат, додека оваа вакцина практично беше 70% направена во февруари и завршена 100% кон крајот на истиот месец“, вели професорот.

„Тоа е исто како кога правите куќа, па ви требаат година до две да видите дали темелите и ѕидовите се добри, ама кога ќе го ставите покривот, дали ќе го проверувате две години? Доволно е да се провери за 2-3 дождови кога ќе паднат“, додава тој.

Според него, вакцината е тестирана и на животни и на луѓе и ги исполнува критериумите на руските закони според кои може да се регистрира, а потоа да се спроведе третата фаза на околу 2000 пациенти. Тврди дека вакцината е ефикасна и засега сигурна и дека тој ќе се вакцинира веќе во октомври.

ТЕСТИРАЊЕ НА 40.000 ЛУЃЕ

Масовното тестирање на руската вакцина која е на пат да добие дозвола за употреба од регулаторното тело во земјата, ќе вклучува 40.000 луѓе, пренесе денеска Reuters, повикувајќи се на изјава на научниците кои ја развија, а која ја пренесе новинска агенција TASS.

Како што пренесува Bloomberg, оваа бројка се однесува на волонтери во Русија, а тестирањето, кое ќе започне уште следната недела, ќе се спроведува и надвор од земјата.

Саудиска Арабија, ОАЕ и Филипините засега се потврдени учесници во испитувањето, а се преговара и со Бразил и Индија за волонтери и од овие земји.

„Ова ќе биде едно од најголемите тековни испитувања на вакцини во светот. Ќе се одвива паралелно со вакцинацијата на нашите високоризични работници, како што се медицинските работници“, изјави Кирил Дмитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции кој ја финансира вакцината. Тестирањето ќе се придржува до сите меѓународни и домашни стандарди, додава тој.

Дмитриев најави и дека наскоро „голема публикација од Западот“ ќе го објави рускиот научен извештај за вакцината. Одби да именува за кое списание станува збор, поради „загриженост од политички притисоци“.

Руската вакцина го носи името „Спутник 5“ во чест на првиот сателит во светот лансиран од Советскиот Сојуз.

Фото: Руска реч

 

- Реклама -