Сунак: Нема да има мировни преговори додека Русија не се повлече од заземените региони во Украина

Британскиот премиер Риши Сунак денеска ги повика сојузничките лидери да го зголемат снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана за Украина и рече дека нема да има мировни преговори со Русија додека таа не се повлече од заземените украински региони, јави ДПА.

Лидерите на земјите од Заедничките сили за брзо дејствување (ЏЕФ), предводени од Британија се состанаа денеска во Рига за да разговараат за одбранбените потреби на Украина. На средбата во Рига присуствуваат челниците и од Данска, Исланд, Литванија, Летонија, Естонија, Норвешка, Финска, Шведска и Холандија.

Сунак, во главниот град на Летонија, порача дека сега е „неверојатно важен“ момент за ЕУ ​​да ја потврди својата континуирана поддршка за Киев. Тој ги повика другите земји од ЕУ да го задржат истото ниво на поддршка или да ја зголемат помошта за Украина и да му обезбедат на Киев повеќе системи за ракетна одбрана, артилерија и оклопни возила.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Велика Британија најави нови испораки на артилериска муниција согласно договорот за 250 милиони фунти (305 милиони долари) како дел од нејзината одбранбена помош за Украина во 2023 година.

„Мораме јасно да покажеме дека секој едностран повик од Русија за прекин на огнот е целосно бесмислен во сегашниот контекст. Мислам дека би бил лажен повик, кој Русија може да го искористи за да се прегрупира, да ги засили своите трупи и додека не се повлече од освоената територија, не може и не треба да има никакви вистински преговори. Но, она што можеме да го направиме сега е да размислиме што ќе правиме во однос на безбедносните гаранции“, рече Сунак.

Според него, ЏЕФ треба да се фокусира на слабеење на способноста на Москва за прегрупирање и обновување на залихите, вклучително и со заземање одлучна позиција против испраќањето дронови од Иран во Русија.

Извор: МИА

- Реклама -