Михаел Шумахер на минатата трка во Валенсија конечно успеа да се искачи на победничкиот пиедестал, за првпат по прекинот на пензијата и враќањето во Формула 1 шампионатот.
Оттаму, не е никакво изненадување што легендарниот Германец со нетрпение ги очекува следните предизвици, почнувајќи од трката за Големата награда на Велика Британија, што традиционално се вози на патеката Силверстон.
Сепак, Шумахер е свесен дека болидот на Мерцедес ГП не е доволно конкурентен во однос на неговите најголеми ривали, па затоа се надева дека ќе се остварат метеоролошките прогнози за врнежи од дожд за време на британското гран-при.
„Треба да се биде искрен и да се признае дека дел од останатите тимови се побрзи од нас. Тоа ни ги намалува шансите при ’нормалните’ трки, но работите лесно можат да се сменат доколку дојде до врнежи. Знам дека има такви прогнози и лично посакувам да падне дожд, бидејќи тоа ќе ја направи трката многу поинтересна. Секако, со тоа ќе се зголемат и моите шанси за што подобар пласман, зошто да не и за нов подиум. На трката во Малезија не се снајдовме најдобро на дожд, но болидот сега ни е далеку подобар и не се сомневам дека целосно ќе одговориме на предизвикот и ќе се вмешаме во битката за висок пласман“ истакна Шумахер.