Пејрониевата болест, ака. видливо (читај: екстремно) закривување на пенисот, е предизвикана од наталожување на вишок ткиво во пенисот. Како што тоа ткиво нараснува, прави пенисот да се свитка, што може да резултира со болни ерекции, па и да го направи сексот тежок или невозможен.
Сега, новата студија на медицинскиот колеџ Baylor во Тексас, спроведена на 1.5 милиони мажи, покажува дека изгледа постои поврзаност помеѓу формата на пенисот и ризикот од рак. Поконкретно, се чини дека мажите со закривен пенис имаат значително повисок ризик од развивање на неколку типови на рак.
Студијата (објавена во American Society for Reproductive Medicine) покажува дека мажите со пенилна фиброза (друг назив за Пејрониевата болест) имаат 40% повисок ризик од развивање на рак на тестисите или стомачен рак, како и 29% поголема тенденција да развијат рак на кожата.
Се проценува дека во САД од Пејрониева болест страдаат од 0.5 до 13% од мажите, но многу од нив се несвесни за проблемот. Тимот од медицинскиот колеџ Baylor истакнува дека овие мажи треба редовно да се проверуваат.
Истражувачите, предводени од д-р Александер Пастужак, направиле и генетска анализа на татко и син – двајцата со пенилна фиброза. Се покажало дека и двајцата имаат гени што ги изложуваат на ризик од меланом, тестикуларен и рак на простатата. Тоа, смета Пастужак, може да значи дека постои и генетска врска меѓу Пејрониевата болест и некои видови рак (но тоа допрва ќе се истражува за да биде клинички докажано).
Во една претходна студија врз мажи со Пејрониева болест, пак, истражувачите од Универзитетот во Истанбул дојдоа до заклучок дека веројатно болеста ја имаат повеќе мажи отколку што се мисли, но до реална бројка е тешко да се стигне бидејќи пациентите, освен што многу од нив се несвесни за проблемот, „се срамат да ја пријават таквата состојба кај своите доктори“.