Столтенберг отфрли затворање на небото над Украина

„НАТО е дефанзивен пакт и наша цел е да ги чуваме нашите 30 земји-членки безбедни. Ние не сме дел од овој конфликт и имаме обврска овој конфликт да не ескалира надвор од границите на Украина. НАТО не бара војна со Русија“, изјави на денешната прес-конференција генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, по состанокот во Брисел на министрите за надворешни работи од Алијансата со Финска, Шведска и ЕУ.

Тој нагласи дека „ова е војна на Путин, што тој ја избра и планирал против недолжна држава“.

„Го повикуваме Путин да ги прекине воените дејствија и да ги повлече сите сили од Украина без никакви услови, и да започне преговори“, изјави генералниот секретар на НАТО.

Прашан дали денеска било разговарано за затворање на небото над Украина, Столтенберг рече дека НАТО има обврска да не дојде до ескалација во полна војна во Европа.

„Единствен начин да се гарантира ‘зона без летови’ (aka. NFZ, no fly zone) над Украина е да се распоредат сили… Ако го направиме тоа, може да резултира со полна војна во Европа и да вовлече многу повеќе земји. Затоа е нашата одлука да не ги инволвираме НАТО силите директно во Украина, ниту на земја, ниту на воздух“, објасни тој.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

Во однос за можната поддршка на земјите кои се „загрозени“, како Босна и Херцеговина и Грузија, Столтенберг рече дека НАТО веќе дава различни типови поддршка на овие земји за јакнење на капацитетите.

„Немаме конкретен договор, но разговараме дека е неопходно да им помогнеме на овие земји за јакнење на нивните капацитети“, рече тој, додавајќи дека Алијансата ќе продолжи да презема сè што е неопходно за гарантирање на безбедноста на сите НАТО земји членки, како и дека веќе работи и на јакнење на координацијата и споделување на информации со Финска и Шведска.

МИА

- Реклама -