Стојков: Заканите од Бугарија ќе се покажат како празен блеф, сѐ што треба Владата да направи е да не попушта

Бугарија се обидува да ја уцени Македонија, но ја нема поддршката од Европа и на крајот заканите за блокада на евроинтеграцијата ќе се покажат како празен блеф, оценува  Стојко Стојков, копретседател на партијата на Македониците во Бугарија – ОМО „Илинден“-Пирин, во изјава за „Фактор“. Според него, единствена задача на македонската Влада е да не попушти под притисоците.

„Мислам дека Бугарија се надева да ја уцени и изнуди Македонија да направи фатални и непоправливи отстапки преку заканата со блокада. Проблемот за Бугарија е што таа не е Грција и Европа не гледа со добро око кон апсурдните, во секоја една смисла, претензии на Софија. Тоа веќе беше јасно испорачано и внимателното покревање на прашањето за македонското малцинство во Бугарија е јасно предупредување кон Софија да се повлече. Тоа е ахиловата пета на Бугарија. Сѐ што треба е македонската Влада да не попушти и тоа ќе се покаже на крај како празен блеф на Софија“, смета Стојков.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

Негативното, истакнува, е тоа што македонското малцинство во Бугарија е заложник на геополитиката (повеќе ТУКА).

Портпаролката на Европската комисија – Ана Писонеро, пак, несакајќи да ги коментира изјавите од последниве денови од двете страни, истакна дека е многу важно за ЕУ „добрососедските односи на Западниот Балкан и регионалната соработка да останат клучни елементи во процесот на проширување, како и во процесот на асоцијација и стабилизација“.

Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, истакна таа, се многу позитивен пример за регионот и пошироко.

„За нас е многу важно овие билатерални договори да продолжат да се применуваат од сите страни“, додаде Писонеро.

Според бугарските медиуми, Писонеро „ги повикала властите во Република Северна Македонија да го спроведуваат Договорот за добрососедство“.

- Реклама -