Стевчо Јакимовски: Ја прекинувам коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ во Карпош

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска соопшти дека по 99 месеци ја прекинува коалициската соработка со ВМРО-ДПМНЕ и дека таа коалиција повеќе не може да опстои во оваа скопска Општина.

„Јас како градоначалник со моите години и со моето искуство и со мојот карактер не можам да дозволам повеќе некој да се поигрува и со мене и со Советот на Општина Карпош, но и со интересите на граѓаните на Општина Карпош во кои влегуваат и обични граѓани и стопанственици и богати и сиромашни и од различни етнички заедници. Затоа јас и Карпош мораме да им се спротивставиме на опструкциите, мораме да им се спротивставиме на командите од еден центар“, соопшти Јакимовски на денешната прес-конференција.

Тој потенцира дека Општина Карпош и народот „си избрале свој градоначалник кој треба да ги штити нивните интереси.

„Мораме да се спротивставиме на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од нашата Општина. Јас сум градоначалник на сите граѓани во Општина Карпош и од тие причини имам обврска да ги штитам интересите на сите граѓани во Општина Карпош“, нагласи Јакимовски.

Тој нагласи дека смета оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „треба си бара некој помлад за изживување“

Прочитајте и:  Деманг на Дрин Ахмети на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Лефков

„Треба да побара некој помлад од мене и со поинаков карактер и помалку години зад себе. Повеќе ова не може да биде толерирано“, потенцира Јакимовски, додавајќи дека во ВМРО-ДПМНЕ има пријатели и најверојатно со некои од нив и понатаму ќе остане пријател.

Јакимовски изрази благодарност до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои го поддржале во изборната кампања и нагласи дека сѐ што имаат договорено и сѐ што има обврска кон нив во Општина Карпош ќе биде испочитувано.

Тој посочи дека и натаму ќе ги исполнува обврските кон членовите на ВМРО-ДПМНЕ и потенцираше дека сите граѓани и советници секогаш можат да му се обратат за решавање на проблемите.

„Моите разговори понатаму прекинуваат со Христијан Мицкоски. Тој е единствениот виновник зошто ја растураме оваа коалиција, која функционираше во многу тешки моменти“, рече Јакимовски, додавајќи дека неговата партија ГРОМ нема да прави коалиција со никого и „ќе остане со граѓаните на општина Карпош“.

Јакимовски рече дека заедно со ГРОМ и натаму остануваат опозиционери и ќе делуваат во интерес на сите граѓани.

МИА

- Реклама -