„Србија може да се потпре на Русија во однос на Косово, нејзините грижи и проблеми Русија ги сфаќа како свои“

Рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко, изјави дека Белград може да се потпре на Москва за ситуацијата во Косово. Според него, Русија ги сфаќа грижите и проблемите на Србија како свои и истакна дека двете земји ќе продолжат да ги координираат своите позиции по ова прашање, а клучен инструмент на Москва во ова прашање е фактот што Русија е постојана членка на Советот за безбедност, пренесе ТАСС.

„Луѓето во Србија знаат дека секогаш можат да се потпрат на Русија. Без разлика на сериозните предизвици за нашата земја во контекст на конфронтацијата со НАТО, која ни беше наметната, продолжуваме да учествуваме во решавањето на актуелните меѓународни кризи, вклучително и во Косово“, истакна Боцан-Харченко во текстот објавен во списанието Интернешнл аферс (International Affairs), пренесува ТАСС.

Ова доаѓа откако српскиот претседател Александар Вучиќ даде неколку изјави со коишто го критикуваше Западот за неговото однесување околу Косово.

Боцан-Хараченко додаде и дека Русија го дели својот став по ова прашање со своите кинески партнери, бидејќи Пекинг исто така инсистира на строго почитување на меѓународното право.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Рускиот дипломат потсети на ставот на претседателот Владимир Путин дека Русија не ја менува својата позиција за косовското прашање. Тој посочи дека таа соработка е насочена кон зајакнување на борбената готовност на Србија, нејзина социо-економска стабилност и зајакнување на нејзиниот суверенитет.

„Повикуваме на трајно взаемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина врз основа на меѓународното право и резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече Боцан-Харченко.

Тој додаде дека ваквото решение треба да ги задоволи интересите на Белград и на српскиот народ и да биде одобрено од Советот за безбедност на ОН.

Рускиот амбасадор истакна дека Русија ги сфаќа грижите и проблемите на Србија како свои, бидејќи не отстапува од ставот за санкциите и одбива да се приклучи на западните ограничувања кон Русија.

Србија е под силен притисок од Западот поради тоа што одбива да воведе санкции кон Русија.

МИА

- Реклама -