Директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија на Р.Србија, Петар Петковиќ, пред истекот на рокот на косовските власти за пререгистрација на регистарските таблички, изјави дека оваа одлука на Приштина е незаконска и насилна и дека меѓународната заедница мора да реагира. Министерот без ресор Ѓорѓе Милиќевиќ, пак, оцени дека Приштина „навикнала да диктира и условува“, но дека Западот е многу јасен кога станува збор за пререгистрацијата и дека се бара поместување на датумот и враќање на преговарачка маса, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ги видовме соопштувањата и од Вашингтон и од Брисел, но треба да видиме и конкретни акции и конкретни дела“, изјави Петковиќ за РТС.
Тој потсети дека одлуката на Албин Курти за пререгистрација имплицира дека Србите кои имаат КМ таблички сега треба да ги пререгистрираат своите возила со РКС таблички, што, посочува, е апсолутно спротивно на сите договори од 2011 година и 2016 година. Србите на Косово, пред сѐ на северот, рече тој, не сакаат други таблички.
„Курти сака до 21 април следната година целосно да ги укине КМ табличките и да почне да ги конфискува возилата, односно приватниот имот на оние кои нема да пререгистрираат како што замислил самиот тој“, рече Петковиќ, додавајќи дека изрекувањето на првата казна ќе биде причина за реакција на Српската листа и српскиот народ.
„Од една страна, и ЕУ и САД зборуваат за тоа како одлуката донесена од Курти е легална и во согласност со договорот, но всушност она што не е во ред е само краткиот рок што остана. Се разбира, Западот го прави тоа за свои интереси“, додаде тој.
Министерот без ресор во српската влада, Ѓорѓе Милиќевиќ, за ТВ Прва изјави дека „Приштина е навикната да диктира и да поставува услови, а ако тоа не се исполни, тогаш наговестуваат ескалација на судири и се закануваат со насилство“.
Тој нагласи дека е „целосно убеден“ дека Приштина во пресрет на 3 ноември повторно ќе се обиде да создаде „наводна ескалација на конфликтот“. Прашан за последиците што може да следат, Милиќевиќ одговори дека тоа е прашање за Западот кој, според него, „им дозволува да се однесуваат така“.
„Веќе не можете вербално да осудувате, мора конечно да санкционирате, мора да го казните таквото однесување“, порача Милиќевиќ.
Според него, Западот е „многу јасен“ кога станува збор за пререгистрацијата.
„Да се помести датумот, да се вратиме на преговарачка маса и да разговараме како што разговаравме за документите“, рече Милиќевиќ, оценувајќи дека „на Курти сега не му е во интерес да разговара“.
Извор: МИА