Се разбира, политичарите и алчните корпорации имаат голема заслуга за растечкиот јаз помеѓу богатите и сиромашните, но некои сметаат дека класната војна на иднината всушност ќе биде предизвикана од нешто сосема неочекувано – спиењето.
Човештвото прави сé повеќе напори да ја интегрира технологијата во спиењето, а дел од експертите сметаат дека нееднаквоста на планетата ќе биде интензивирана со појавата на гаџети за редукција на сонот, бидејќи само богатите ќе можат да си ги дозволат. Со тоа тие ќе бидат способни да работат повеќе часови дневно, што пак ќе води кон нивно уште поголемо богатење.
Се очекува дека во наредните 20 години, воените водачи ќе ги отклучат тајните на тоа како да го сведат спиењето на 2 часа дневно, користејќи комбинација од направи и хемикалии – предвидува Марсело Ринеси од Институтот за етика и технологии во подем. Ринеси смета дека штом научниците ќе ги „испеглаат“ ситните грешки во веќе постоечката технологија и ги редуцираат негативните споредни ефекти, машините за зголемување на продуктивноста ќе станат достапни и за цивилите.
Како и првите компјутери, така и раните модели на овие технолошки иновации за намалување на потребата од сон ќе чинат десетици илјади долари, нудејќи им и биолошка предност на оние кои веќе ја имаат економската, вели Ринеси. Според неговите очекувања, тоа ќе предизвика гнев и жесток протест. „Општествениот и економскиот импакт ќе биде огромен. Ќе предизвика многу гнев и љубомора. Не сме навикнати на идејата богатите луѓе да имаат комплетно различно биолошко искуство околу тоа како е да се биде жив“. За Ринеси, тоа е неговата лична дистопија.
Таквиот развој на настаните ќе им даде огромна моќ на работодавачите, особено во ситуација на намалување на бројот на достапни работни места која ќе дојде како резултат на тоа што компаниите сé повеќе ќе се потпираат на роботи.
Дури и денес, сиромашните луѓе живеат пократки, помалку здрави животи, често оптоварени со гојазност (да, според истражувањата) и болест. Се чини дека наскоро и сонот ќе биде допишан на листата на фактори што го намалуваат квалитетот на животот. Спиењето не е болест, ама ако се остварат стравовите на Ринеси, за 50-тина години ќе биде сосема нормално луѓето да велат: „Ох, тој кутар човек. Приморан е да биде несвесен 8 часа на ден“.
Раните „алатки“ за редукција на спиењето најверојатно ќе дојдат во облик на машини на кои војниците се прикачуваат, со цел да бидe надгледувана и прилагодувана неврохемијата во нивните мозоци и тела, предвидува Ринеси. Дизајнот ќе биде усовршуван, а направата ќе стане мобилна и голема колку iPod, па ќе продолжи да станува помала, поевтина и подобра сé додека не стане доволно мала за да може да биде имплантирана во мозокот. Имплантите ќе стимулираат делови од мозокот, веројатно во комбинација со фармацевтски лекови, со цел да го забрзаат метаболизмот и да ја алтернираат и контролираат хемијата на телото и мозокот.
Професионалците кои заработуваат високи суми, како адвокатите и менаџерите на инвестиции со висок ризик, ќе бидат мотивирани да ги потрошат екстра часовите на работа. Други, пак, ќе бидат мотивирани од притисокот да се натпреваруваат за работното место со роботите. Со ова се согласува и био-етичарот Џејмс Хјуз. „Мислете на технологијата за спиење како на новото кафе“, вели тој. „Ќе биде користена како кофеинот и амфетамините, со цел зголемување на продуктивноста. Во иднина, бројот на работни места ќе се намали заради роботите, а тие што нема да мораат да спијат ќе имаат огромна предност“.
Звучи како нешто од научно-фантастична новела, ама до скоро така звучеа и еден куп други работи што денес се вообичаени. Згора на тоа, армијата на САД веќе некое време проучува како да го скрати сонот. „Најдиректниот фактор за намалување на човечките перформанси на полето на воената ефективност под стресни услови е недостатокот од сон“, се вели во еден извештај од 2008-та.
Извештајот ја потенцираше итноста на тоа да се биде прв во полето на технологијата за спиење. „Ако непријателот има значителна предност на полето на сонот, тоа е сериозна закана… Манипулацијата и разбирањето на човековиот сон е делот од модификацијата на перформансите во кој значајните откритија можат да имаат национално-безбедносни последици“, се вели во истиот.
Пет години подоцна, истражувачкиот оддел на армијата на САД дизајнираше маска што ја намалува потребата од сон. Somneo Sleep Trainer го загрева лицето и ги блокира надворешните аудио и визуелни дистракции, со цел да овозможи длабок сон за екстремно кратко време – овозможувајќи му на оној што ја користи пособро да се наспие за многу пократко време. Исто така, како што се ближи времето за будење, така маската постепено емитува сé посилна сина светлина, со цел рестрикција на хормонот мелатонин (поврзан со спиењето) и избегнување на чувството на поспаност.
Сонот бил користен како победничка воена стратегија уште во Втората светска војна. Генералот Џорџ Патон секогаш гледал да ја искористи исрпеноста на непријателот. Нацистите, пак, земале метамфетамини за да се одржат будни и да ги подобрат перформансите. Дрогата ја нарекувале „магичната пилула“, пишува германскиот автор и нобеловец – Хајнрих Бол.
За Ринеси, технологијата за спиење е „потомок“ на тоа време. Смета дека или САД или Кина ќе бидат првите што ќе успеат да ги одржат луѓето будни без притоа да трпат психички последици, затоа што двете армии ги имаат потребните средства и пред сé – мотивот за такво нешто. А штом технологијата стане достапна за цивилите, „нештата ќе станат интересни“.
Сепак, решението на проблемот не го гледа во рестрикции на технологијата за редуцирање на сонот. Според него, гаџетите можат да ја зголемат продуктивноста и квалитетот на животот исто како и здравата исхрана. Тој смета дека израмнувањето на шансите во „борбата“ помеѓу богатите и сиромашните треба да биде единствено на грбот на политичарите:
„Во иднина, решението за намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните нема да биде многу поразлично од денешното. Станува збор за истото нешто што се трудиме да го направиме веќе 150 години – да воведеме даноци за богатите“, вели Хјуз.