Спасовски за дојавите за бомби: Многу фактори имаат сериозен проблем со напредокот на државата со пристапот во НАТО и членството во ЕУ

„Дојавите за бомби се дел од хибридни напади што не се случуваат само кај нас, туку и во регионот и пошироко“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за ТВ „Клан“, додавајќи дека обидите за тероризам и хибридно војување одат дотаму да предизвикаат страв, несигурност, паника, уривање на институции, подривање на државата, политичката власт, но и да ги трошат институциите. Сѐ се ова можни цели на овие хибридни напади, рече Спасовски, мислејќи на дојавите за бомби, кои во текот на вчерашниот ден пристигнаа во рекорден број училишта во земјава.

„Ќе потсетам на неколку аспекти од овој дел, како на пример мигрантската криза. Токму поради геостратешката положба тука се вкрстуваат патиштата и луѓето поминуваат по таканаречената западно-балканска рута и тоа претставуваше своевиден безбедносен проблем. Зошто е тоа така, бидејќи тука се испреплетуваа геостратешките интереси, значи дека многу фактори имаат навистина сериозен проблем со напредокот на државата со пристапот во НАТО, членството во ЕУ. Сето тоа спаѓа во можни причини зошто ова се прави на државата“, заклучи Спасовски.

Инаку, во текот на вчерашниот ден, министерот за внатрешни работи истакна дека и покрај заканите за поставени бомби, во моментов нема какви било индиции за нарушување на безбедносната состојба во државата.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

„Има постојано штаб којшто работи на оваа проблематика и веднаш не само Одделот за дигитална форензика, туку и сите меѓународни партнери се известуваат во однос на сите овие дојави коишто ги имаме – ги споделуваме информациите и податоците коишто ги имаме со цел за да добиеме помош ако, еве во конкретниот случај што беше со Швајцарија, имавме и САД, имавме Хрватска итн“, изјави Спасовски.

Тој акцентираше дека најчесто станува збор за ВПН конекции и дека, како што рече, не може да се добие една ИП адреса за тоа од каде точно доаѓа дојавата, туку се појавуваат илјадници ИП адреси од секаде во светот.

„Таму каде што има можност да се утврди ги утврдуваме. Таков беше случајот со Скопје. Сега сме веќе на пат и многу блиску да се расчисти целиот случај и во општина Кавадарци, така што се преземаат сите можни мерки. Секторот за меѓународна полициска соработка е постојано во комуникација, Интерпол, Европол итн., и постојано се работи на овој дел“, рече Спасовски.

Извор: МИА

- Реклама -