Спасовски објасни зошто МВР ги сервисирало своите возила во локален автомеханичарски сервис во Теарце

„Многу интересно прашање“, искоментира премиерот на преодната влада – Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција, прашан зошто МВР ги сервисирало своите возила во локален автомеханичарски сервис во село Теарце во кој има вработено само двајца механичари, а притоа МВР има сопствен сервис за возилата.

„Точно е дека МВР има сопствен сервис, односно имало сопствен сервис, и во времето на peжимот во тие 11 години во тој сервис има само зграда во којашто немаше ништо. На основа на тоа беа создадени услови кои значеа дека мора на тендер да се изберат компании коишто ќе ги сервисираат возилата.

Јас ве упатувам во МВР да ги земете сите податоци. Колку биле паричните средства за сервисирање на возила во 2014, 2015 и 2016 година, и колку парични средства се трошат во 2017, 2018 и 2019 година. Ќе видите дека тоа е половина од сумите кои претходно се трошеле на одржување на тие возила“, рече Спасовски.

Тој додаде и дека во меѓувреме се зајакнати и подобрени капацитетите на споменатиот сервис на МВР и дека многу од поправките се извршуваат во тој сервис во рамките на самото министерство.

Спасовски одби да одговори колку возила поседувал возниот парк на МВР додека тој беше министер, бидејќи, како што објасни, тоа е класифицирана информација и не се споделува со јавност.

- Реклама -