Спасовски: МВР уште во 2012-та поднесе кривична пријава против тогашниот директор на Онкологија

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски попладнево пред Анкетната комисија за случувањата на Клиниката за онкологија изјави дека МВР од 2012 година повеќепати ја има следено работата на оваа Клиника бидејќи постоеле индиции за злоупотреби.

Во однос на ангажманот што го има МВР по последната постапка којашто е отворена, Спасовски рече дека се преземени низа активности насочени кон обезбедување на доказен материјал и дека во текот на овој период се вршат два вида на вештачења – едното вештачење е на електронските уреди и второто на медицинската документација, каде имаат одземено над 50 здравствени картони на пациенти од Клиниката.

– МВР првпат реагираше на 31.5.2012 година по основа на оперативни сознанија што ги имаше и поднесе кривична пријава против директорот на Онкологија во тоа време со индиции за злоупотреба на на набавка на цитостатици на лекови. Од моментот на поднесување на пријавата до денес не е преземено ниту едно истражно дејствие од страна на Јавното обвинителство. Втората пријава е доставена на 2.6.2020 година од директорот на установата против едно од лицата за кои исто така има сомнеж дека учествувал во нелегални активности и со целокупниот службен материјал во тој момент – службени белешки, извршување на разговори, разговори на сведоци итн. Сите тие материјали се доставени до ОЈО како надлежно обвинителство. Според информациите коишто располагам, дури сега се преземени мерки за покренување на обвинителен предлог или акт. И трето е покренувањето на постапката што сега ја водиме, а тоа е на 31.8.2023 година во која што Одделот за криминалистичка полиција, сектор за економски криминал и корупција врз основа на сите информации пласирани во јавноста, доставува известување до ОЈО Скопје за презентирање на сите сознанија што ги имаме во однос на Клиниката за онкологија и потоа следуваат следните активности, рече Спасовски.

Прочитајте и:  Кривична пријава против 25 вработени во МВР за несовесно работење во службата

Додаде дека од страна на МВР се преземени сите мерки што дошле како оперативни сознанија и врз основа на наредбите што биле издадени од Основното јавно обвинителство.

– Веројатно ќе имаме и дополнителни наредби што ќе бидат издадени, меѓутоа до денеска можам да кажам дека се преземени низа на активности во смисла на обезбедување на докази, материјали, електронски уреди или сослушување на одредени лица кои што знаат повеќе во однос на оваа состојба, рече Спасовски.

Според Спасовски, досега ниту еден поранешен или актуелен функционер од Владата нема поднесено пријава.

-Ако зборуваме на ниво на Влада, ниту еден. На ниво на директори, на 2.6.2020 година до МВР е пријавен тогашниот директор за злоупотреба во однос на лековите, односно цитостатици во клиниката кои што во тој период се случувале, рече Спасовски.

МИА

- Реклама -