Министерството за внатрешни работи добило информација откако ракометарот Даниел Тот веќе се наоѓал на Клиничкиот центар. Претходно немало никаква пријава за нарушен јавен ред и мир пред објектот во Градскиот парк, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостување на „Телма“.
Спасовски посочи дека Брзата помош добила пријава утрото во 3:30 часот, од страна на вработена во објектот. Во 4:11 часот од Клинички пријавиле во МВР дека е примено лице пронајдено во бесознание на јавна површина. Од тој момент се вклучува екипа од МВР и започнуваат активности и дејствија за расчистување на случајот, рече министерот.
„Во ниту еден момент не е застанато со истрагата и и покрај тоа што од Клиничкот центар е укажано дека нема видливи траги на наилство, колегите од МВР продолжуваат со прибирање на докази и ние практично во рок од 24 часа го откриваме целиот случај и обезбедени се сите материјали, меѓу кои и од камерите на „Сејф сити“ и се предадени на ОЈО“, рече Спасовски.
Снимката што излезе во јавноста, појасни Спасовски, е снимена од сосема друг агол, додека сите снимки се извадени и од објектот и од „Сејф сити“ и се предадени на ОЈО. Од нив може да се види кој сѐ учествува во настанот, потенцираше тој.
„Постојат очевидци и сведоци кои се повикани на разговор и се земени изјави. Секако ќе се прави вештачење на облеката и предметите на сега починатиот, како и таа на сега осомничените, и сите тие ќе бидат дел од доказниот материјал на предметот“, рече Спасовски.
Прашан дали ќе се бара одговорност и од сведоците, кои како што може да се види од снимката, не преземале ништо и не го пријавиле случајот, Спасовски рече дека секој еден што има каква било одговорност ќе биде санкциониран, како и дека ќе се ценат сите аспекти преку ЈО.
Извор: МИА