Спасовски: Казнети се сите до еден што седеа на таа маса, во однос на казни за државни функционери мене и на ова МВР не може да ни се замери

„Казнети се сите до еден што седеа на таа маса, дали се претседатели на партии, пратеници или министри“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање околу одбележувањето на роденденот на Али Ахмети во новата зграда на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, предводено од Артан Груби, во друштво на неговите сопартијци од ДУИ кои се функционери во владата.

Спасовски оцени дека кога се работи за изрекување казни за државни функционери, на ова МВР, под негово раководство, не може да му се замери. „Од премиерот, заменик-премиерот, министрите… сите до еден до сега имаат казни затоа што направиле одредени превиди кои треба да ги санкционира“, истакна тој, додавајќи дека тоа уште еднаш ја покажува посветеноста на МВР и актуелното раководство кон тоа законите да важат за сите.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Тој потсети дека за разлика од прекршочните казни, МВР поднесува кривични пријави до Обвинителството, кое понатаму одлучува дали имало кривично дело/кривична одговорност или не. Додаде дека состаноци и средби во државните институции не се забранети, но треба да се запазат протоколите.

Спасовски, инаку, одговорот го почна со интересен, полушеговит коментар за неговиот заменик Назим Буши:

„Не, јас ќе одговорам, затоа што он е казнет, не може да одговори. Затоа што е казнет сега носи маска. Да не беше казнет, можеби нема да ја носи сега маската“, рече Спасовски посочувајќи кон заменик-министерот, кој со насмевка и потврдно климајќи со главата, ја прифати забелешката.

- Реклама -