Спасовски: Групата фалсификатори наплаќала и по 20.000 евра за пасош

Главните мотиви на групата уапсени службеници на МВР поради фалсификување на пасоши и лични документи за високопрофилни меѓународни криминалци, биле пари, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Тој открива дека сумите што биле наплаќани за еден фалсификуван пасош се движеле и до 20.000 евра.

Спасовски потсети и на претходната акција на МВР, кога осум полициски службеници беа приведени за фалсификување на возачки дозволи, за кои, пак, наплаќале од 1.500 до 2.000 евра.

Првиот човек на полицијата посочи и дека сите од групата во моментот кога се вработувале во МВР биле проверени и биле „чисти“.

„Сите оние кои се вработуваат во МВР мора да поминат и низ безбедносна проверка, значи да нема ризик. Тие аспекти се почитуваат секогаш, не можеме да ставиме забелешка дека некој од нив немал документ. Но, што потоа се случува во текот на вработувањето е друго прашање“, изјави тој.

Прочитајте и:  Деветнаесетгодишно момче е рането во синоќешното пукање во Чаир

Спасовски истакна и дека имало посредник за пасошите и, како и во секоја криминална структура, и во оваа имало еден човек што бил шеф. Меѓу приведените имало и повисоки чинови во МВР, посочи министерот, според кого, преку оваа акција, службите во МВР се исчистени. Сепак, потсетува тој, во секој систем постои ризик да има криминал.

- Реклама -