Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, очекува да се создаде законска можност за компаниите на лицата кои што се наоѓаат на Црната листа на САД, да не можат да учествуваат на јавните набавки во кои ќе се исплаќаат јавни или државни пари.
По денешниот увид во изградбата на новиот објект на Полициската станица во Аеродром, министерот Спасовски изјави дека одлуката на црната листа на САД да се стават рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајката на бизнисменот Орце Камчев, кој беше ставен на оваа листа во јули годинава, е очекувана, а преку дискусија, како што рече, ќе мора да се воведат и некакви нормативни мерки коишто практично ќе ги тангираат ваквите лица.
„Прво, ова е очекувано. Јас очекувам дека и други лица коишто се занимаваат со криминал, коишто не допринесуваат за борбата против корупцијата, оние коишто се судени, се водени постапки, одлежале казни затвор, коишто направиле огромно богатство на територијата на државата, нормално дека на секој можен начин треба да се санкционира“, рече министерот.
Според заменик-министерката за правда, Викторија Мадиќ Аврамовска, која, исто така беше на увидот, пораките од Американската Амбасада секогаш треба да ги прифатиме најдобронамерно.
„Институциите коишто се надлежни за тоа, обвинителството и судството, треба да разгледаат сѐ она што можат да помогнат за да немаме повторно доведување на нови имиња на вакви листи, туку да покажеме дека ќе се одважат институциите и ќе можат предвреме да ги превенираат и тие процеси и да ги завршуваат порано доколку имаат за одредени лица“, вели министерката.
Таа порача доколку за лицата кои беа ставени на листата има нешто симптоматично, институциите да реагираат на време.
„Ги поттикнувам институциите да проверат, да видат доколку имало досега, поажурни да бидат и обвинителството и судството и во иднина да можат подобро да ги спроведуваат процесите, не само за овие, туку и сите други лица за да немаме вакви ситуации“, рече заменик-министерката.
Извор: МИА